Ahmet Gürhan Kartal
19 Јуни 2017•Ажурирај: 19 Јуни 2017
БРИСЕЛ (АА) - Велика Британија ги започна преговорите со ЕУ за условите за напуштање на Унијата, се вели во соопштението на преговарачите, јавува Anadolu Agency (AA).
Дејвид Дејвис, министерот надлежен за работите поврзани за излезот на Велика Британија од ЕУ, изјави дека разговорите ќе посведочат на градењето на едни нови, длабоки и посебни односи со ЕУ.
„Преговорите ќе се спроведуваат со позитивен и конструктивен тон“, додаде тој.
Првиот ден од преговорите започна во канцелариите на Европската комисија во Брисел.
Обединетото Кралство треба да ја напушти ЕУ до крајот на март 2019 година, по референдумот одржан минатото лето.
„Постојат повеќе работи што нѐ обединуваат отколку што нѐ делат“, рече Дејвис. „Така, додека несомнено ќе има време на предизвици пред нас во преговорите, ние ќе сториме сѐ што можеме за да бидеме сигурни дека ќе направиме договор што ќе биде во најдобар интерес за сите граѓани“.
Главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, поранешен француски министер за надворешни работи и комесар во ЕУ, изјави дека сака да се договорат клучните приоритети и временскиот распоред на дискусиите.
„Нашата цел е јасна, прво мора да се справиме со неизвесноста предизвикана од Брегзит“, изјави тој за новинарите. „Прво за граѓаните, потоа за корисниците на политиките на ЕУ и за влијанието врз границите, особено во Ирска“.