Furkan Abdula
21 Мај 2017•Ажурирај: 22 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Стопанската комора на Македонија и Советот на странски инвеститори денес во градскиот парк во Скопје организираа хуманитарен Светски пикник на којшто преку традиционалната храна на земјите од каде што потекнуваат, странските инвеститори ги презентираа своите земји, јавува Anadolu Agency (AA).
На овогодишниот хуманитарен Светски пикник присутните граѓани уживаа не само во добрата музика, туку и во традиционалната храна и специјалитети на различни земји.
Присутните имаа можност да го вкусат традиционалното турско јадење, шиш ќебаб, како и турската баклава, италијанската пица, францускиот чоколаден кроасан, холандските вафли со сируп, грчкото суфлаки, а собраните парични средства ќе се искористат во хуманитарни цели.
Претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер, во својата изјава за медиумите истакна дека верува оти културата е нешто позитивно не само во работата туку и во нашите приватни животи.
Петер нагласи дека целта на организирањето на овој пикник е пренесувањето дел од културата на земјите од каде што потекнуваат странските инвеститори.
„Како можете да пренесете една култура? Нормално преку храната, затоа што преку храната е најдоброто претставување. Мислам дека со размена на меѓусебните култури само ја збогатуваме домашната култура“, нагласи тој.
Од друга страна, Елена Милевска Штрбевска, од Стопанската комора на Македонија, пренесе дека е многу среќна што денес заеднички го организираат овој настан којшто на некој начин ќе покаже дека и странските инвеститори, како и домашните, не се грижат само за растот и развојот на самите компании, туку подеднакво придонесуваат и за општото добро на граѓаните и за својата заедница.
„Тоа ќе го покаже и денешниот настан којшто има хуманитарен карактер и посакуваме сите граѓани којшто се дојдени да ги запознаат земјите од каде што доаѓаат странските инвеститори, да ја вкусат нивната храна и традицоналните специјалитети, и да уживаат во прекрасната музика“, истакна Милевска Штрбевска.
На Светскиот пикник со своја оригинална и традиционална храна се претставија Австрија, Турција, Белгија, Бугарија, Велика Британија, Германија, Грција, Италија, Луксембург, Франција, Холандија, Хрватска, САД, Словенија и Швајцарија.