Mahmut Atanur
14 Октомври 2018•Ажурирај: 15 Октомври 2018
ЏАКАРТА (АА) - Од земјотресот што го потресе индонезискиот остров Сулавеси, по кој следуваше цунами, бројот на загинати се искачи на 2.091 лице, јавува Anadolu Agency (AA).
Официјалните претставници на провинцијата Централен Сулавеси соопштија дека од земјотресот на 28 септември и цунамито што следуваше по него, бројот на загинати достигнал бројка од 2.091 лице.
Властите информираа дека од земјотресот досега, во подрачјето се случиле уште 534 последователни потреси, и дека продолжуваат активностите околу обезбедувањето на основните потреби, како што се шатори, храна и вода за 80.000 раселени лица.
Во подрачјата во кои официјално завршија операциите за пронаоѓање и спасување, со дозвола од властите, продолжуваат акциите за пронаоѓање на затрупаните од страна на волонтери и најблиските на лицата кои се водат за исчезнати.
- Поддршка од Светската банка за подрачјата зафатени од земјотресот -
Од друга страна, во рамките на годишниот состанок на Светската банка - Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој се организира на Бали, беше дадено соопштение во кое се истакнува дека со цел обновување на Сулавеси и Ломбок кои беа погодени од земјотресот, во знак на поддршка, планирана е финансиска поддршка во висина од 1 милијарда долари.
Според податоците на Американскиот геолошки завод (USGS), во петокот, индонезискиот остров Сулавеси го потресе земјотрес со интензитет од 7,5 степени. Епицентарот на земјотресот се наоѓал на оддалеченост од 27 километри северно од заливот Палу.
Локалните извори соопштија дека земјотресот бил со интензитет од 7,4 степени.
По земјотресот, градовите Донгала и Палу беа погодени од цунами, чии бранови достигнаа висина и до 6 метри.
Индонезискиот остров Ломбок кон крајот на јули и во август го потресоа земјотреси со интензитет меѓу 6,3 до 6,9 и 7 степени. Животот го загубија 563 лица, а над 450.000 лица беа погодени од земјотресот.
Индонезија се наоѓа во пацифичкиот „Огнен појас“, каде што тектонските плочи се судираат и предизвикуваат чести сеизмички и вулкански активности.
Во земјотресот што на 26 декември 2004 година ја потресе Индонезија со интензитет од 9,1 степен и цунамито што следуваше по него, вклучувајќи ги и другите земји во регионот, животот го загубија 230.000 луѓе.