Ekipa
14 Октомври 2018•Ажурирај: 15 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Иранскиот претседател Хасан Рохани денес изјави дека Соединетите Американски Држави (САД) сакаат промена на режимот во Исламската Република, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Нивната крајна цел е да го делегитимираат исламскиот естаблишмент“, рече Рoхани во говорот цитиран од државната новинска агенција ИРНА.
„Тие започнаа со психолошка војна и економска војна за да нè делегитимираат“, рече тој. „Немало власт во САД, понепријателски расположена од сегашната администрација во однос на Иран и исламскиот естаблишмент.“
Иранскиот лидер потсети дека Вашингтон еднострано се повлече од Договорот за нуклеарната програма од 2015 година меѓу Техеран и групата П5 + 1 (петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН плус Германија).
„САД без никаква причина се откажаа од меѓународниот мултилатерален Договор“, рече Рохани. „Иран покажа разумност, не брзаше и смирено соопшти дека ќе почекаме неколку недели за да видиме што ќе направат другите земји.“
„Можеме да го прекинеме Договорот, кога и да посакаме. Откажувањето е лесно, како уривањето ѕид; но градењето е тешко“, рече Рохани.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги врати санкциите на САД кон Техеран, кои беа укинати како резултат на условите од Договорот за нуклеарната програма, односно во замена за ограничувањата во иранската Програма за нуклеарна енергија.
Се очекува санкциите да влијаат на иранскиот извоз на нафта, со кој Техеран го финансира својот национален буџет.
Земјите од Европската Унија, заедно со Турција, го осудија потегот на Трамп, со ветување дека ќе најдат начини да ги заобиколат повторно наметнатите санкции.