Adem Demir
13 Јули 2017•Ажурирај: 13 Јули 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Гувернерот на Истанбул, Васип Шахин, соопшти дека во заедничка операција на полициските сили и Националната разузнавачка организација (МИТ), приведени се 44 лица меѓу кои и двајца терористи за кои се смета дека едниот е организатор на нападот на стадионот „Водафон Парк“ на Бешикташ, а вториот го испланирал нападот врз полициското возило кај Везнеџилер, јавува Anadolu Agency (AA).
Гувернерот Шахин во придружба на началникот на полицијата на Истанбул, Мустафа Чалишкан, даде изјава за медиумите.
Тој соопшти дека откако полицијата добила информации оти ќелија од специјалните единици на сепаратистичката терористичка организација планира да изведе голема акција во Истанбул, обласната Дирекција за борба против тероризам и МИТ работеле на операциите кои беа спроведени во 13 области во Истанбул, Коџаели, Анкара, Дијарбакир и Хакќари.
Гувернерот Шахин рече дека во операциите се приведени 44 лица и додаде: „Во истрагата е откриено дека едно од овие 44 лица е организатор на нападот кај стадионот на Бешикташ („Водафон Парк“), зел разузнавачки податоци и на крајот, во последен момент се симнал и избегал од возилото-бомба со кое беше изведен нападот.
Сметаме дека друго приведено лице е организатор на нападот во Везнеџилер со возило-бомба, врз сервисното возило кое ги превезуваше членовите на полициските сили за брзи интервенции“.
Шахин информираше за изведените операции и истакна дека се пронајдени големи количества оружје и муниција.
„Од пронајдените 13 пушки, три се со долга цевка (снајперски пушки), две се ловечки пушки и слично оружје. Пронајдени се и 161 килограм експлозив со различно ниво на ефикасност. Покрај сето тоа, пронајдени се и голем број документи и материјали. Продолжува истрагата во врска со пронајдените материјали“, додаде тој.
Гувернерот Шахин им се заблагодари на сите припадници на полициските сили кои учествуваа во операцијата, како и на персоналот на МИТ, а своето обраќање го заврши со зборовите: „Сметаме дека Истанбул е спасен од акции кои можеа навистина да предизвикаат многу сериозни последици. Се подразбира дека заедно со полициските единици ќе продолжиме да работиме со ист интензитет и одлучност“.