Övünç Kutlu
04 Април 2018•Ажурирај: 05 Април 2018
ЊУЈОРК (АА) - Најмалку едно лице загина, а четири се ранети во вооружен напад кој вчера се случи во седиштето на компанијата Јутуб (YouTube) во калифорнискиот град Сан Бруно, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на полицијата Ед Барбрани соопшти дека во нападот смртно настрадала една жена која се смета како осомничена за нападот, а потоа извршила самоубиство.
Барбрани изјави дека три лица се повредени од истрели од пиштол, а четвртото лице се повредило при пад, во обид да избега од зградата.

Меѓу ранетите во животна опасност се наоѓаат 36-годишен маж и 32-годишна жена, додека другите две лица не се во животна опасност.
Американските медиуми информираат дека за нападот е осомничена 39-годишната Насим Наџафи Агдам. Си-ен-би-си (CNBC) јавува дека во нападот е користен пиштол со калибар од 9 мм и дека најверојатно не станува збор за терористички напад.
Локалните медиуми информираат дека осомничената, минатата година го критикувала раководството на Јутуб каналот и тврдела дека ѝ ги цензурира видео-снимките кои ги објавува на профилот „Nasime Sabz“. Потоа, таа отворила профил на Фејсбук (Facebook) и продолжила да го критикува Јутуб поради наводната цензура.

Истрагата за случајот е во тек, а постојат индикации дека осомничената за напад била во врска со тешко ранетиот 36-годижен маж во компанијата.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, порача дека се моли за луѓето кои биле на местото на настанот, и им се заблагодари на претставниците на полицијата и противпожарната екипа кои интервенирале.

Челникот на мрежата Јутуб, Сундаи Пичаи, изјави дека вчерашниот напад е стравичен чин на насилство.
Седиштето на мрежата Јутуб се наоѓа во центарот на градот Сан Бруно, а комплексот се состои од четири објекти во кои работат 2.000 лица.