Admir Fazlagic
10 Октомври 2016•Ажурирај: 11 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Со заеднички топол оброк и разговор, денес во Пунктот за бездомници – Момин Поток во Скопје, беше одбележан Светскиот ден за бездомниците, јавува Anadolu Agency (AA).
Драгана Лазаровска, координатор на Пунктот за бездомници во Момин Поток, рече дека денешното одбележување на Светскиот ден на бездомниците е по иницијатива на секретарот на Црвениот Крст на Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска, која на бездомниците им подели топла облека и ручек. Во својата изјава за медиумите, Лазаровска изјави дека Пунктот за бездомници во Момин Поток функционира веќе осма година, а тимот на Црвениот крст таму се грижи за бездомниците.
„Се грижиме за оваа социопатолошка појава за на подолготрајни стази да ги вратиме овие лица во здравите општествените текови. Со означување на овој ден, сакаме на пошироката јавност да ѝ дадеме на знаење дека треба да бидат хумани и солидарни граѓани и да донираат храна, обувки и лекови и сѐ што им е потребно на овие лица. Упатувам благодарност до сите што се грижат за оваа целна група и доколку има нови организации, секогаш се добродојдени“, рече Лазаровска. Според нејзините зборови, бројката на бездомници за кои се грижат бележи тренд на пораст.
„Се зголемува бројката на бездомици, но Црвениот крст го има овој пункт. Бројката на корисници претходно беше 35-40, а во 2016 од 40 до 50 лица. Во Пунктот за бездомици веќе осум години постои мултидисциплинарен тим којшто се состои од доктор-психолог, четири домаќинки кои се грижат за храната, облеката и за другите потребни работи, социјален работник, кој на бездомниците им ги дава услугите што им ги требаат за остварување на правата од системот за социјална заштита, како што се изнаоѓање решенија за вработување, и психолог кој работи со нив за да им даде на знаење дека не е сѐ толку црно и да ги врати во здравите општествени текови“, појасни Лазаровска говорејќи околу состојбата на бездомниците, како и за начинот на нивното згрижување.
Преку пунктот, корисниците секоја зима добиваат топла облека, обувки, ќебиња, вреќи за спиење, а според потребите, се отвора и привремено преноќувалиште.
Говорејќи околу статистичките податоци во врска со бездомниците, Лазаровска посочи дека ниту една организација нема направено посериозно истражување што би ги дало конкретните податоци на регистрирани бездомници, дадавајќи дека на ниво на Град Скопје се евидентитани 318 лица, но смета дека бројката е значително поголема
„Последните податоци што ги знам од Центарот за социјална работа, го почитувам нивното истражување, но верувам дека е многу поголем бројот. Само во сите овие години што поминале, кај нас се 287 лица. Дневно има 50 лица, и пред извесно време ги дислоцираа, па верувам дека се многу повеќе. Сметам дека се потребни планови за повеќе прифатилишта каде што сите овие лица би дошле до најпотребните услови“, истакна Драгана Лазаровска, координатор на Пунктот за бездомници Момин Поток.
Најчестите причини поради кои лицата стануваат бездомници, според Лазаровска, се пороците, како што се алкохолот, дрогата и коцката, потоа нерешените имотно-правни прашања, а како што рече, има и случаи каде што доаѓаат жртви на семејно насилство, но во помал број, како и лица со семејни проблеми.
На светско ниво, според Лазаровска, постојат околу сто милиони луѓе бездомници. „Ужасува фактот што постојат повеќе слободни живеалишта, отколку бездомни лица во светот“, истакна таа.
Таир Даут од Скопје е еден од бездомниците што го посетуваат Пунктот за бездомници во скопската населба Момин Поток. Инаку, тој во овој пункт работи како фризер
„Дојдов на ова дереџе, така било пишано. Едно време имав, добро бев ситуиран, па по некоја случајност, станав бездномник. Вторник и петок го посетуваме пунктот. Персоналот е љубезен со нас. Речиси три години го посетувам пунктот. Во зимските месеци ни се дава комплетна грижа, преспиваме тука. Бездомниците немаат каде. Спиеме по гаражи и напуштени места“, рече Даут, споделувајќи ја својата животна приказна.