Husameddin Gina
23 Декември 2018•Ажурирај: 24 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Во рамките на Новогодишните празници, денес во центарот на Скопје се одржа Дедомразовска трка, петта по ред, организирана од Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“, со поддршка на Град Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Трката, покрај натпреварувачки, имаше и забавен карактер, а во неа учествуваа лица од сите старосни групи.
Должината на патеката изнесуваше 2 километри, а почетокот и крајот на трката беше на плоштадот „Македонија“, во центарот на Скопје.

На доделувањето на наградите присуствуваше и скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Тој истакна дека многу му е драго што традиционалната Дедомразовска трка се оддржува петта година по ред и на сите присутни им ја честиташе Новата година.
„Се надевам дека не само денеска туку и во изминатите неколку недели, особено во оваа недела што ни претстои, успеваме да создадеме една убава атмосфера овде, во нашиот град. Ви посакувам на сите добро здравје и среќа во новата 2019 година“, истакна Шилегов.
Во конкуренција на „Дедомразовки“, првото место го освои Рената Соколовска, втора беше Бојана Наумовска, а трета Марија Богдановска.
Во конкуренција на мажи првото место го освои Никола Таневски, второто Стојче Петровски, а третото место го освои Филип Стојановски.
Од страна на организаторите, на победниците им беа доделени пригодни награди.
На најмалите „Дедомразовци“, кои трчаа во придружба на родителите, им беа подарени новогодишни пакетчиња.