Bayram Altuğ
07 Ноември 2016•Ажурирај: 08 Ноември 2016
МОНТ ПЕЛЕРИН (АА) - Под покровителство на Обединетите нации (ОН), а со цел да се изнајде решение за кипарското прашање, во швајцарскиот град Монт Пелерин започна средбата меѓу специјалниот пратеник на ОН за Кипар, Еспен Барт Еиде, претседателот на Турска Република Северен Кипар и лидерот на грчкиот дел од островот, Никос Анастасијадис, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред започнувањето на преговорите коишто ќе траат пет дена, генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун одржа прес-конференција на којашто ѝ се заблагодари на Владата на Швајцарија како земја-домаќин и го истакна своето задоволство што се наоѓа во Монт Пелерин.
Генералниот секретар на ОН, Бан ги пофали двајцата преставници за своите залагања за изнаоѓање решение за кипарското прашање. „Во последите 18 месеци забележан е голем напредок благодарение на двајцата лидери“, истакна тој.
Генералниот секретар Бан нагласи дека сѐ уште има чувствителни и битни теми за кои е потребно да се изнајде решение: „Знам дека и двајата лидери се тука за со своите заложби и одлуки да помогнат во решавањето на овие проблеми. И двајцата лидери дојдоа до една критичка точка во преговорите“.
Бан истакна дека и двете заедници имаат големи очекувања од преговорите, и додаде дека гледа напредок во ставовите кај лидерите Акинџи и Анастасијадис, што во претходните преговори не бил забележан.
„Кипар им влева огромна надеж на луѓето“
Генералниот секретар на ОН, Бан истакна дека и двете заедници на Кипар имаат големи очекувања од состанокот, и дека патот на решението се наоѓа во рацете на двајцата лидери.
„Во светот, во кој во моментот се одвиваат голем број вооружени судири, Кипар на луѓето им влева огромна надеж дека по пат на преговори може да се изнајде решение за проблемите“, изјави генералниот секретар Бан и истакна дека со цел да ја покаже својата посветеност и заложба, во име на ОН им се придружил на двајцата лидери.
Бан истакна дека една од најважните точки на разговорот меѓу двајцата лидери ќе биде прашањето за териториите: „Ги повикувам двајцата лидери да ја дадат својата поддршка во напорите за изнаоѓање решение за ставање крај на поделеноста на островот заедно со целата меѓународна заедница, особено со помошта на Турција, Грција и Британија, кои се земји гаранти“, изјави Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун.