ГЕВГЕЛИЈА (АА) - Во пладневните часови на македонско-грчкиот граничен премин нема бегалци, а хуманитарните активисти присутни на теренот информираат дека околу 700 бегалци во текот на денот влегле во кампот, од кои 400 се заминати со воз кон македонскиот северен граничен премин Табановце, јавува Anadolu Agency (AA).
Бројот на белгаци кои пристигнуваат во Македонија во однос на минатот период е намален, меѓу другото и поради немирното море во Грција, а екипите на Црвениот Крст на Македонија, како и останатите хуманитарни невладини организации се обидуваат да им обезбедат хуманитарна и медицинска помош, вели за AA претставникот на Црвениот Крст, Алекнсадар Јонузовски.
“Во овие денови бројките со кои Црвениот Крст се соочува од аспект на медицинска помош се движат некаде околу 200 луѓе на дневна основа, на кои им се помага. Намален е бројот на луѓе кои во моментот пристигнуваат во кампот поради немирното море во Грција, но се забележува од сите тие луѓе што доаѓаат голем број на настинки, инфекции на горните респираторни патишта а има и голем број на луѓе кои доаѓаат со премрзнатини и со случаи на хипотермија” , вели Јонузовски.
Црвениот Крст во соработка со УНХЦР и Македонски Каритас во рамките на прифатниот центар за бегалците во Гевгелија, обезбедија кујна во која се дели топол чај и супа, како и хуманитарна помош со пакети со храна.
- Зимските услови при патувањето за бегалците пречка повеќе на патот за борбата за спас на животот -
Помеѓу пристигнатите бегалци во гевгелискиот прифатен центар е Саид Алија, возач од Авганистан. Во разговор за АА, вели дека е свесен за тешките зимски услови и сите останати тешкотии кои го очекуваат на патот до западноевропските земји, но сепак, истакнува дека влошената безбедносна состојба во неговата држава е единствената причина поради која се одлучил на “патот кон спасот” .
“Во Авганистан има војна помеѓу Талибанците и ДАЕШ. Во мојот град Кабул, постојано се убива. Опасно е. Поради тоа не можев да останам, дојдов овде. Бевме во Пакистан, Иран, Турција и сега тука. Ќе се обидам да стасам во Германија” , раскажува Саид.
Тој на овој пат тргнал со својот својата сопруга и својот син, а во Германија верува дека ќе има услови за достоен живот.
- МВР: Од Нова година досега регистрирани 17.882 бегалци -
Министерството за внатрешни работи информирше дека протекот на бегалци од Грција кон Македонија се одвива непречено и дека во текот на вчерашниот ден се регистрирани вкупно 715 странски државјани, од кои според државјанството најбројни се државјаните на Авганистан – 318, Сирија - 304 и Ирак - 93.
Исто така, МВР известува дека од почетокот на 2016 година, до 09.01.2016 издадени се потврди на вкупно 17.882 странски државјани. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија - 7,584, Авганистан - 6.566 и Ирак - 3.372.
На македонскиот граничен премин ги нема т.н. економски мигранти, односно оние кои доаѓаат од земјите во кои не се војува, за кои Македонија на 19-ти ноември минатата година одлучи да не им дозволи поминување на границата. Сепак, тие се обидуваат македонската граница да ја поминат на илегален начин.
news_share_descriptionsubscription_contact
