Cüneyt Karadağ
19 Ноември 2018•Ажурирај: 20 Ноември 2018
БЕРЛИН (АА) - Германија донесе забрана за влез во земјата на 18 лица кои имаат поврзаност со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Заменик-портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Кристофер Бургер, на прес-конференција истакна дека е донесена забрана за влез во Германија на 18 лица кои имаат улога во убиството на Кашоги.
Бургер нагласи дека тие се во контакт со Франција и Велика Британија во врска со убиството на Кашоги, и дека ако има потреба ќе се направат различни чекори во оваа насока.
Тој пренесе дека шефот на германската дипломатија, Хеико Мас, во врска со ова прашање во Брисел истакнал дека тие во врска со темата имаат повеќе прашања отколку одговори.
Бургер рече дека Мас истакнал: „Во последните денови имавме блиски разговори со нашите француски и британски колеги. Ние како Германија донесовме забрана за влез во земјата за 18 саудиски државјани. Викендов соопштивме дека очекуваме доволно разјаснување во оваа насока.“
Портпаролот нагласи дека нема да дадат информации за идентитетот на овие 18 лица.
Истакнувајќи дека забраната за влез важи за шенген-зоната, Бургер додаде дека 15 од вкупно 18 лица се дел од специјалниот тим, додека останатите тројца се други поврзани лица.
Бургер рече дека очекуваат транспарентност од Саудиска Арабија во насока на разјаснување на истрагата.
Од друга страна, германскиот владин протпарол, Штефен Зајберт, подвлече дека ова катастрофално злосторство не е доволно разјаснето.
Според него, изјавата на Брисел во врска со ова прашање е исто така нивен став како Влада.