Ayhan Şimşek
12 Декември 2018•Ажурирај: 13 Декември 2018
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел ја отфрли можноста за повторно преговарање за договорот за Брегзит, пред утрешниот клучен самит на лидерите на ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Одговарајќи на прашањата на пратениците денес во германскиот Бундестаг, Меркел истакна дека лидерите ќе разговараат за најновиот развој на настаните во врска со Брегзит на дводневниот самит во Брисел, и ќе ја сослушаат британската премиерка, Тереза Меј, за договорот за повлекување.

„Ние немаме намера да го смениме договорот за излегување (Брегзит), што е генерален став на 27-те земји членки. Затоа, не треба да се очекува сега дека овие дискусии ќе доведат до некои промени во договорот“, истакна таа.
Во понеделникот, Меј го соопшти одложувањето на овонеделното гласање за Брегзит во Долниот дом на британскиот Парламент, признавајќи дека договорот би бил отфрлен со значително мнозинство.
Меркел рече дека вчера за време на нејзиниот состанок со британската премиерка во Берлин, истакнала дека гласањето за договорот за повлекување на Велика Британија од ЕУ ќе се случи пред 21 јануари.
„Сѐ уште се надеваме на излез на Велика Британија од Европската Унија без никакви проблеми“, рече Меркел, но, исто така, додаде дека Берлин се подготвувал за сите сценарија, вклучувајќи го и излезот на Велика Британија од Унијата без договор.