Ayhan Şimşek
02 Октомври 2018•Ажурирај: 03 Октомври 2018
БЕРЛИН (АА) - Германската коалициска Влада денес постигна согласност за главните елементи на новата легислатива за привлекување висококвалификувани имигранти, јавува Anadolu Agency (AA).
Германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зихофер, на прес-конференција во Берлин изјави дека коалициските партнери се договориле за клучните точки од законот, кој ќе се разгледува од релевантните министри во текот на овој месец.
„Овој закон ќе постави јасни правила. Од една страна, ќе ги задоволи потребите на германските бизниси за вработување квалификувани работници од трети земји. Од друга страна, ќе обезбеди контролирана имиграција“, истакна тој.

„Верувам дека оваа легислатива, исто така значително ќе ја намали илегалната имиграција“, додаде тој.
Според предлог-легислативата прифатена од коалициските партнери, Законот за квалификувани работници - имигранти ќе им олесни на германските компании при вработувањето на висококвалификувани професионалци или техничари од земјите надвор од Европската Унија.
Владата ќе стави крај на сегашната рестриктивна практика која дозволува на германските компании директно да земаат странски работници само за одредени сектори.
Со новиот закон, на висококвалификуваните странци со одредено познавање на германскиот јазик ќе им биде дадена можност да дојдат во Германија и да останат до шест месеци, додека се во потрага по работа во земјата.
Според Предлог-законот, новите прописи ќе важат за ограничен временски период од пет години.