Besar Ademi
26 Декември 2016•Ажурирај: 27 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Во зградата на Советот на Град Скопје, на покана на градоначалникот Коце Трајановски, градоначалниците од Скопскиот плански регион одржаа состанок за загадувањето на воздухот во регионот на Скопје, на кој учествуваа експерти од Министерството за животна средина и просторно планирање, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата, Коце Трајановски рече дека на состанокот се разговараше за неколку прашања и мерки за можни решенија кои, како што рече, ќе ги достават до централната власт и до надлежните институции, со цел да се намали загадувањето на воздухот.
„Ве повикувам сите заедно да работиме на решавање на овој предизвик – граѓаните, моите колеги градоначалници и сите надлежни служби да се ангажираме и да се вклучиме во заштитата на амбиентниот воздух од загадување“, нагласи Трајановски.
Трајановски исто така повика на намалување на трошоците за греење, субвенционирање на топловодната мрежа, субвенционирање на набавката на велосипеди, запирање на користењето на јаглен и на кој било дрвен производ за греење.
Трајановски истакна дека на средбата зе разговарало и за гасификација на Скопје, за која рече: „Со формирањето на новата Влада очекуваме итно да се објави тендерот за гасификација на Скопје, со оглед на тоа што претходниот тендер за гасификација на Скопскиот плански регион не беше успешен“.
Трајановски нагласи дека најголеми загадувачи на воздухот во градот Скопје се домаќинствата, со 32 отсто, потоа сообраќајот со 20 отсто, уличната прашина и прашината создадена од градежните активности, со 19 отсто, индустријата со 18 проценти, сулфатните соли со 7 отсто и нитратните соли со 2 отсто.
Во последниве денови, присуството на штетните канцерогени честитки ПМ10 во воздухот во градот Скопје, во утринските часови е многу повисоко од дозволеното ниво. Граѓанското општество, кое исто така најави протест за следната среда против загадувањето на воздухот, смета дека Скопје е еден од најзагадените градови во Европа.