Ivana Ramadanova
30 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Од денеска па сè до 3-ти февруари ќе биде спроведено екстерното тестирање за матурантите во средните училишта во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Тестирањето го спроведува Државниот испитен центар кој една недела претходно на учениците им го соопшти распоредот на тестирањата, а дополнително во петокот, матурантите ги добија и предметите по кои ќе бидат тестирани.
Од Државниот испитен центар соопштија дека прелиминарните резултати од тестирањата се очекуваат да бидат готови на 7 февруари.
Екстерното тестирање претставува само увертира на она што ги очекува учениците една година подоцна кога би решиле да се запишат на факултет, а има за цел да ја утврди објективноста на професорите и нивното оценување.
Резултатите од ова тестирање се споредуваат со оцените кои ученикот ги има добиено во текот на претходното полугодие, па според тоа може да се процени во извесна мера, дали оцените се во склад со неговото знаење.