Ivana Ramadanova
16 Мај 2016•Ажурирај: 17 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Македонската црковно-државна делегација, предводена од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски која во рамките на одбележувањето на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил", имаше аудиенција кај папата Франциско, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Вељаноски изрази благодарност за срдечниот прием и можноста да се разменат мислења и ставови кои ќе придонесат за развивање на традиционално добрите односи меѓу Светата Столица и Република Македонија.
Поглаварот на Римокатоличката црква изрази задоволство од денешната посета и посочи на најзначајните вредности кои треба човештвото да ги негува. Папата Франциско упати апел да се надмине егоизмот и личните задоволства, да се мисли повеќе на другите и на иднината, да се раѓаат повеќе деца и да се почитуваат семејните вредности.
Претседателот на Собранието ја повтори поканата до папата за посета на Македонија и регионот, потенцирајќи дека неговата посета би била значајна за сите граѓани, без разлика на нивната верска или етничка припадност и би придонела во јакнењето на целокупната стабилност во регионот.
Вељаноски го потенцираше значењето на заедничките верски, историски и културни вредности кои длабоко ги поврзуваат Македонија и Рим како што се просветителите Кирил и Методиј кои зад себе оставија огромно духовно наследство за што истакна дека како Македонци сме горди и благодарни. Исто така, Претседателот на Собранието посочи дека Македонија на своевиден начин ќе партиципира во одбележувањето на канонизацијата на Мајка Тереза која треба да се одржи во септември оваа година.
Претседателот Вељановски на папата му подари уникатна рачно изработена митра, којашто е симбол на трновиот венец Христов, дело на монахињите од манастирот посветен на „Св. Георгиј Победоносец" во Рајчица. Во рамките на одбележување на традиционалната манифестација, претседателот Вељаноски оствари средба и со државниот секретар на Светата столица, кардиналот Пјетро Паролин.
По завршувањето на посетата на Ватикан, делегацијата присуствуваше и на Благословување на Спомен-плочата на благодарност на Македонскиот народ за делото на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј во Базиликата „Санта Марија Маџоре" во Рим.