ГОСТИВАР (АА) - Претседателот и премиерот на Република Северна Македонија, Ѓорѓе Иванов и Зоран Заев, како и други владини претставници, учествуваа на денешната комеморативна седница во Општина Гостивар по повод трагичната автобуска несреќа, во која загинаа 14 граѓани на Гостивар, а над 30 беа повредени, јавува Anadolu Agency (AA).
На вонредната седница во Општина Гостивар советниците прогласија тридневна жалост во знак на почит за загинатите во несреќата.
Пред присутните на седницата, претседателот Иванов рече дека загубата е тешка, но дека е уште потешко ако вакви настани ни се повторуваат, и додаде дека ова е, како што рече, „поука за да бидеме секојпат повнимателни“, бидејќи животот е скап и не може да се надомести.

„Се вели дека луѓето не умираат кога ќе ги погребат, туку кога ќе ги заборават. Да остане споменот за овие луѓе вечен, да се сеќаваме на нив, да ги спомнуваме, и на нивните најблиски да им помагаме во овие тешки моменти да ги пребродат“, рече Иванов.
Од друга страна, премиерот Зоран Заев, во своето обраќање во име на Владата изрази сочувство за загинатите и додаде дека неговата влада ќе помага за брзо оздравување на повредените.
„Загубата е ненадоместлива, но не сте сами и нема да ве оставиме сами. Духовно сме со вас, и ќе бидеме секако со вас, а ќе бидеме со вас и во иднина. Преземаме обврска да помогнеме на семејствата со возможното, и за тоа лично ќе се заложам. Исто така, како влада и како надлежни органи ве уверувам дека ќе сториме сѐ за да ги расветлиме причините за трагичната несреќа“, истакна тој.

Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, упати благодарност до властите и до сите други кои дадоа придонес и продолжуваат да даваат придонес за лицата кои страдаа во несреќата.
„Го молам Бога да ги прости и да ги прифати што поблиску до него. Го молам да ги направи силни нивните семејства. Го молам Бога за нас од Гостивар“, додаде Таравари.
На комеморативната седница беа присутни и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, министерот за здравство, Венко Филипче, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и други функционери на институции и градоначалници на општини во земјата.
Владата на Северна Македонија на вчерашната седница ги прогласи за денови на жалост 14 и 15 февруари, додека знамињата пред Владата, по улиците низ Скопје, како и пред странските дипломатски претставништва се спуштени на половина копје.
Сите културни и забавни активности, како и бројни други активности кои биле планирани да се одржат денеска, се откажани поради оваа несреќа.
Сочувство упатија и бројни функционери и претставници на институции од земјата и регионот, меѓу кои и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Потсетуваме, патнички автобус вчера излета од Автопатот Скопје - Тетово и се преврте во близина на селото Ласкарци на излезот од Скопје кон Тетово. Загинаа 14 лица, а над 30 се повредени.
news_share_descriptionsubscription_contact


