Senada Ibraimova
09 Март 2017•Ажурирај: 09 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од кабинетот на претседателот, на средбата се разменети мислења околу актуелната состојба во Македонија и предизвиците со кои се соочува државата произлезени, како што се вели во соопштението, од политичката, уставната и институционалната криза.
„Во контекст на актуелната состојба, претседателот Иванов ги повтори ставовите дека има правен и политички аспект, кои се проблем, но и предуслов за излез од состојбата. Во однос на правниот аспект поврзан со роковите за доделување на мандатот, истакна дека е лесно надминлив. Во однос на политичкиот аспект, претседателот Иванов истакна дека останува на ставот дека платформата од Тирана треба да биде осудена и отфрлена, исто како и мешањето во внатрешните работи на Република Македонија, кои не помагаат во напорите за добрососедски односи и стабилноста и безбедноста во регионот“, се вели во соопштението.
Се наведува дека генералниот секретар на ОБСЕ, изразил загирженост за меѓуетничките тенции, апелирајќи сите да направат конструктивни чекори за надминување на кризата.
Од кабинетот на претседателот соопштуваат дека, тој се согласил со претседателот Иванов дека, лидерите од регионот треба да се воздржат од штетна реторика.
Меѓу другото, тие размениле мислења во врска со безбедносната состојба во државата и регионот, како и за мигрантската и бегалската криза.
„Претседателот Иванов посочи дека Република Македонија и натаму ги спроведува мерките согласно заклучоците на Европскиот совет за брзо запирање на приливот на мигранти, за заштита на границите, намалување на нелегалната миграција и зачувување на интегритетот на Шенгенската зона“, соопштуваат од кабинетот.
Претседателот Иванов, исто така, стои во соопштението, на средбата истакнал дека, програмите на ОБСЕ се потребни за контрарадикализација и дерадикализација, со цел справување со заканите од насилен екстремизам и активностите на странски терористички борци.
Претседателот Иванов, изразил очекување за продолжување на соработката со ОБСЕ и нивната поддршка, во области те на владеењето на правото, полицијата, судството и унапредувањето на меѓуетничките односи и соживот во државата.
Претходно Заниер оствари средба со министерот за надворешни работи Никола Поповски, а во попладневните часови се состанува и со претставници на политичките партии во парламентот.