Ahmet Sait Akçay,Cansu Dikme
26 Јуни 2017•Ажурирај: 27 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Експертите од реномирани универзитети предупредуваат на постоењето на проблемот на превласт на белците на Западот и повикуваат на плуралистички пристап во борбата против исламофобијата и другите ирационални стравови, јавува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот на Советот на американско-исламските односи (ЦАИР) се наведува дека минатата година е забележан пораст од 44 проценти, кога станува збор за напади и криминал поттикнат од омраза кон муслиманите. Извештајот беше подготвен како одговор на политиката на поделби и бариери што ја спроведува претседателот на САД, Доналд Трамп, и неговите обиди да забрани влез во САД за муслиманите од некои држави.
Има пораст на нападите и инцидентите кои се резултат на предрасуди кон муслиманите и исламот во САД. Во извештајот на ЦАИР се наведува дека минатата година во САД се забележани вкупно 260 напади извршени поради омраза кон муслиманите и 2.213 инциденти предизвикани поради предрасуди кон муслиманите.
И британската организација „Тел МАМА“ предупредува на трендот на раст на инцидентите поттикнати од исламофобија во Велика Британија и на Западот, а особено од мај 2013 година, кога двајца припадници на радикална група во Лондон го убија војникот Ли Ригби.
Ебрахим Moса, професор по исламски студии на Универзитетот во Нотр Дам, за АА рече дека доминацијата на белците е клучниот фактор на проблемот.
„Светот има проблем со превласта на белците и за тоа треба да се проговори. Станува збор за еден вид етнографски национализам на белците, помешан со некој вид на екстремизам, а во САД постои национализам на белите христијани“, вели Moса.
И професорот Салман Саид од Универзитетот во Лидс го истакнува постоењето на проблемот со исламофобијата на Западот и тврди дека неоколонијалните сили се главен поборник на исламофобијата бидејќи ја користат за да ја задржат доминацијата на белците во светот.
„Исламофобијата има за цел да ги спречи муслиманите во намерата за стекнување независност во политичка или религиозна смисла„, вели Саид и истакнува дека јавноста мора да ја разбере суштината на проблемот.
Професорот Moса исто така рече дека на Европјаните им е јасно дека Европа стана многу поподелена од порано, но тие немаат идеја како да се запре трендот на подлабоки поделби во општеството.
Тој истакна дека Европа треба да биде подостапна за муслиманите ако сака да ја зајакне внатрешната кохезија, бидејќи малцинските заедници, како што се муслиманите, го имаат овој елемент во своето битие.
Професорот по исламски студии на Универзитетот во Кејп, Тоуни Андулкадер Тајоб, за АА рече дека исламофобијата е ирационален страв, кој се претвора во омраза кон непознатото.
Тајоб истакна дека исламофобијата на Западот се зголемува поради стравот од екстремистите, и смета дека проблемот е фактот што низ призмата на овој ирационален страв се гледа на сите муслимани.
„Тоа е ирационален страв кон сите муслимани. Повеќето луѓе не се разбираат во комплексноста на овие прашања и конфликти. Така се разгорува пламенот на исламофобијата“, вели Тајоб.
Професорот Саид нагласува дека исламофобичните напади им наметнува на муслиманите обврска да се вклучат во политиката и силно се борат за своите права преку граѓанскиот сектор, со цел да се одбрани нивното место во светот.
Сите интелектуалци кои за АА го коментираа тековниот проблем на исламофобијата на Западот се согласуваат за неопходноста на еден плуралистички пристап и промоција на мултикултурализмот како борбата против исламофобијата.