Ahmet Gürhan Kartal
26 Јуни 2017•Ажурирај: 27 Јуни 2017
ЛОНДОН (АА) - Британската Конзервативна партија на премиерката Тереза Меј денес постигна договор со Демократската унионистичка партија (ДУП) на Северна Ирска, за поддршка на Конзервативната партија и нејзината малцинска влада, во пресрет на гласањето за важни закони во британскиот Парламент, јавува Anadolu Agency (AA).
Договорот е постигнат по преговорите меѓу Тереза Меј и лидерката на ДУП, Арлин Фостер, кои траеја две недели. Британската премиерка започна преговори со партијата од Северна Ирска откако го изгуби мнозинството во Долниот дом на британскиот Парламент, на изборите одржани на 8 јуни.
За да останат на власт, на конзервативците им е потребна поддршката од партијата ДУП којашто има 10 пратеници.
Меј распиша парламентарни избори со надеж дека ќе ја зајакне и ќе ја стабилизира својата влада пред започнувањето на преговорите за Брегзит. Преговорите за излез на Велика Британија од Унијата започнаа минатата недела.
Британската премиерка денешниот договор го нарече договор на доверба, кој ќе ја поддржи владата на конзервативците при гласањето на буџетот, законодавството во врска со Брегзит и националната безбедност.