Fatih Hafız Mehmet
21 Октомври 2018•Ажурирај: 21 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес истакна дека големиот идеал на Турција треба да се спроведе во практика, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на свеченоста на отворањето на седиштето на Турската фондација за млади (TUGVA) во Истанбул, Ердоган нагласи: „Време е за практично спроведување на големиот идеал на Турција. Тој се однесува на регионот, но не во смисла на експанзионизам.“
Тој додаде дека слободите на кој било поединец, етничка или религиозна заедница во последните 16 години во Турција не се нарушени.
„Во последните 16 години во Турција, слободите на секој поединец, етничка или религиозна група не се нарушени; немало никакво мешање во нивниот живот“, рече тој.
Турскиот претседател нагласи дека е создадена една средина во која никој не е дискриминиран во однос на изборот на облекувањето или на изгледот.
„Ние се обидуваме да ги отстраниме бариерите меѓу нашата младина и нејзините соништа“, нагласи Ердоган.
Тој понатаму изјави дека Турција придава голема важност на младите и нивното образование, а ним им упати порака дека стекнувањето диплома е цел на образованието, но дека не е и единствена цел.
Им порача тие од образованието да го земат она најдоброто и да станат добри, чесни и способни луѓе.
Во тој контекст на младите за пример го наведе Алија Изетбеговиќ, првиот претседател на Претседателството на Босна и Херцеговина.
„Ние Фондацијата на младите на Турција никогаш не ја сметавме за какво било здружение. Таа има важна улога за нашата иднина. Сите млади кои се школуваат под покривот на оваа организација ги гледаме како лидери кои по потреба ќе го водат својот народ, како што тоа своевремено го правеше Алија Изетбеговиќ“, порача Ердоган.
Ердоган изјави дека Изетбеговиќ бил крал на мудрите, голем борец и изучувач, и му оддаде почест по повод 15. годишнина од смртта.