Ekipa
15 Јули 2018•Ажурирај: 16 Јули 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција и нејзиниот народ на 15 јули 2016 година, со спречување на воениот удар, ја покажаа силата на нивната демократија и засекогаш го затворија поглавјето на воените удари во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод одбележувањето на втората годишнина од неуспешниот обид за воен удар изведен од страна на терористичката организација ФЕТО во Турција, илјадници граѓани се собраа вечерва на „Мостот на загинатите херои од 15 јули“ во Истанбул.
Пред илјадниците граѓани обраќање имаше турскиот претседател Ердоган, кој претходно го посети Споменикот на шехидите во непосредна близина на мостот.
„Денес, во истовреме, чувствуваме длабока тага и голема гордост во нашите срца“, рече Ердоган и им оддаде почит на сите шехиди кои ги дадоа своите животи за одбрана на демократијата во Турција.
„Бог нека им се смилува на сите наши шехиди кои на 15 јули со крв испишаа епска победа над предавниците на ФЕТО, и ги одбранија нашите езани, знамето и независноста“, рече Ердоган, додавајќи дека победите не се сервираат на златна чинија, туку се остваруваат со голема жртва.
Ердоган нагласи дека 15 јули го претставува повторното раѓање на турската нација, победата на храброста над предавството и волјата на народот над предавниците.
„15 јули е називот на големата борба за демократија, која е впишана со златни букви во историјата на човештвото. Таа борба и победата им припаѓа на 81 милион луѓе на оваа земја“, рече Ердоган.
Тој истакна дека Турција и нејзиниот народ никогаш нема да го заборават 15 јули, како ни пријателите кои се молеа за нив, но и непријателите кои беа на страната на терористите на ФЕТО.
„Никогаш нема на исто ниво да ги ставаме оние кои нè поддржаа од првиот момент на обидот за пуч на нашата демократија и оние што застанаа на страната на пучистите. Како што има кажано Алија Изетбеговиќ: „Кога сè ќе помине, нема да се сеќаваме на зборовите на непријателите, туку на молчењето на пријателите, поточно на оние кои ги сметавме за пријатели. Ова е многу важно. Никогаш нема да заборавиме кој им пружи засолниште на пучистите кои бегаа од Турција. Отворено порачувам дека добро знаеме кој за што се залагаше и со кого соработуваше“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека турските правосудни институции најостро ги казнуваат пучистите и предавниците, Ердоган рече дека Турција му ги отсече рацете на октоподот-монструм што расте во строга тајност и на заговорот во Пенсилванија.
„Сè додека на ова тло биде жив духот од 15 јули, не постои сила која ќе може да ја запре Турција на нејзиниот пат“, заклучи Ердоган.
Низ цела Турција и во многу земји во светот денес со различни собири и манифестации се одбележува втората годишнина од неуспешниот обид за предавнички воен удар.
Во Турција овој ден се одбележува како Ден на демократијата и националното единство.
Терористичката организација ФЕТО, на чело со нејзиниот водач Фетула Ѓулен, водеше долгогодишна кампања за соборување на власта преку инфилтрација во турските институции, особено во армијата, полицијата и судството. Оваа терористичка организација, на 15 јули 2016 година изврши неуспешен обид за воен удар во Турција, во кој загинаа 251 лице, а речиси 2.200 беа повредени.