Bahattin Gönültaş
27 Декември 2017•Ажурирај: 28 Декември 2017
ТУНИС (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, кој престојува во официјална посета на Тунис, истакна дека е невозможно да се чекори напред во Сирија, со Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на официјалната посета на Тунис, Ердоган денес беше примен од својот туниски колега Беџи Каис Есебси, а на заедничката прес-конференција изразија двострана одлучност за унапредување на билатералните односи и значително зголемување на трговската размена.
Заблагодарувјќи му се на раководството и на народот на Тунис за поддршката која на Турција ѝ ја дадоа за време на минатогодишниот обид за воен удар во кој терористите на ФЕТО убија најмалку 250 лица, Ердоган ги повика турските бизнисмени да инвестираат во таа северноафриканска земја.
Претседателот на Тунис, Есебси, изјави дека посетата на Ердоган е многу важна за јакнење на билатералните односи и заедничко настапување на меѓународната сцена. Есебси изјави дека денес биле потпишани четири билатерални договори за соработка на полето на одбраната, финансиите и зачувувањето на животната средина.
Лидерите на Турција и на Тунис денес разговараа и за актуелните регионални и глобални теми, со акцент на јакнењето на соработката во борбата против тероризмот.
Осврнувајќи се на актуелната ситуација во Сирија, Ердоган изјави дека северниот дел на таа земја е предаден на терористите и дека активностите на силите на меѓународната коалиција, Русија и на Турција во тој регион, јасно покажуваат дека сирискиот претседател Башар ал-Асад не може да донесе стабилност и мир.
„Невозможно е да се оди напред во Сирија, со Асад. Зошто? Како можете да ја прегрнете иднината со претседател на Сирија кој убил околу еден милион граѓани? Дали сирискиот народ сака да има ваква личност на чело? Бидејќи Асад, отворено и јасно кажувам, е терорист кој изврши државен тероризам“, нагласи турскиот претседател.
Турскиот претседател исто така изјави дека Турција и Тунис споделуваат заеднички ставови за сите меѓународни теми и го спореди тоа со сличноста на националните знамиња на двете земји.
Тој додаде и дека Турција и Тунис споделуваат цврст став во врска со Кудс (Ерусалим) како црвена линија, и не прифаќаат каков било чекор кој го загрозува историскиот статус на тој свет град.
„Заедно ќе продолжиме да работиме на тоа целиот свет да ја признае Палестина како независна земја. Тука е многу важен ставот на членките на ЕУ“, порача Ердоган.
Истакнувајќи дека Турција веќе го признава Источен Кудс како главен град на Палестина и дека зад тоа стои исламскиот свет, Ердоган изјави дека моментално во конзулатот на Турција во Кудс работи амбасадор, но дека поради израелската окупација на тој град не можат да се отворат и официјални амбасади.
Ердоган ја критикуваше и актуелната структура на ОН и порача дека е потребна структурна реформа на таа организација, особено кога станува збор за Советот за безбедност.
Посетата на Тунис е последната станица од африканската турнеја на турскиот претседател Ердоган во рамките на која претходно ги посети Судан и Чад, а до крајот на службениот дел од посетата ќе се состане и со тунискиот премиер, Јусеф Чахед и ќе присуствува на економскиот форум, на кој ќе учествуваат бизнисмени од Турција и Тунис.