Handan Kazancı
15 Јули 2018•Ажурирај: 15 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека терористичката организација ФЕТО, исто како и ПКК, ДЕАШ и други такви организации, сака да го загрози единството и иднината на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод 2. годишнина од неуспешниот обид за воен удар од страна на терористичката организација ФЕТО во Турција, претседателот на државата, Ердоган, денес се сретна со семејствата на загинатите и порача дека Турција и нејзиниот народ нема да го заборават, ниту ќе дозволат да се заборави 15 јули.
„Нема да запреме во борбата против ФЕТО. Ќе ги откриеме и ќе ги уништиме сите ќелии и пори во кои се вовлече“, порача Ердоган, и додаде дека секој настрадан и неговите роднини ги смета за свои браќа и дека секој нивни проблем ќе го доживува како сопствен.
Истакнувајќи дека секое дете и млад човек, кои не ја познаваат својата религија, нација и држава, е потенцијална цел на тероризмот, Ердоган рече дека на Турција ѝ требаат генерации, кои со срце и со образование чекорат кон иднината.
Тој, исто така, рече дека постојат и оние кои се обидуваат да го омаловажат 15 јули и обидот за воен удар, што се случи на тој ден 2016 година, и додаде дека тоа се оние кои во срцата гаат омраза, ароганција и одмазда кон Турција и нејзиниот народ.
„Одлучни сме да не дозволиме на маса да се доведе во прашање она што го добивме со крвта на шехидите, со хрброста на ранетите и со борбата на милиони луѓе кои застанаа наспроти предавниците и пучистите“, порача турскиот претседател Ердоган.
Тој го најави продолжувањето на решителната борба против сите терористички организации во Турција и во регионот, и соопшти дека турските безбедносни сили, од почетокот на годината, во Турција и во северен Ирак неутрализирале речиси 1.400 терористи.
„Со воведувањето на новиот, претседателски систем, им одзедовме уште еден адут на оние кои сакаа да управуваат со Турција според своја желба и врз база на блокирањето на нејзините институционални механизми и донесувањето одлуки“, заклучи Ердоган.
Низ цела Турција, но и во многу земји во светот, денес, со различни собири и манифестации се одбележува 2. годишнина од обидот за државен удар во кој животот го изгубија 251, а беа повредени речиси 2.200 лица.
Во Турција овој ден се одбележува како Ден на демократијата и националното единство.