Burcu Arik
15 Јули 2018•Ажурирај: 16 Јули 2018
ШАНЛИУРФА (АА) - Археолозите открија нови храмови во Гобеклитепе, археолошки локалитет лоциран во турската југоисточна област Шанлиурфа, јавува Anadolu Agency (AA).
Во интервју со АА, шефот на Одделот за археологија при Универзитетот „Харан“ во Шанлиурфа, Мехмет Онал, истакна дека најмалку 15 монументални храмови и над 200 вертикално поставени камења се откриени како дел од геофизичките истражувања во подрачјето.
Гобеклитепе неодамна беше ставен на листата на светско наследство на УНЕСКО.

„Во текот на археолошките ископувања во наредните години, ќе наидеме на нови градби“, рече Онал.
Тој нагласи дека се очекува ископувањата во Гобеклитепе да продолжат најмалку 150 години.

Гобеклитепе е на прелиминарната листа за светско наследство на УНЕСКО од 2011 година. Локалитетот е откриен во 1963 година, кога истражувачи од универзитети од Истанбул и Чикаго работеа на локацијата. Оттогаш, ископувањата на локалитетот не престанаа.
Германскиот Археолошки институт и Музејот на Шанлиурфа спроведуваат заеднички активности од 1995 година, низ кои открија обелиск во форма на буквата Т, од времето на неолитот, со димензии од 3 до 6 метри во височина, со тежина од 40-60 тони.
За време на ископувањата, откриени се различни историски артефакти, како на пример, човечка статуа, долга 65 сантиметри, која датира од пред 12.000 години.
Подигнат е покрив од метална конструкција со кој се покриени 4.000 квадратни метри од локалитетот, со цел подготовка на локалитетот.
Откако беше затворен за посетители како резултат на реставраторските активности, дел од локалитетот Гобеклитепе беше отворен во февруари.