ЛОНДОН (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека повлекувањето на САД од меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма претставува закана за мирот во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Како гостин на програмата „Hard Talk“, Ердоган за Би-би-си (BBC) ги коментираше актуелните прашања во врска со регионалната и глобалната ситуација.
Оценувајќи ја како погрешна одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп, за повлекување на САД од меѓународниот договор со Иран, Ердоган рече дека тој договор е потпишан и оти треба да се зачува во духот на меѓународните норми за доследност.
На прашањето дали сега може да дојде до нов натпревар во вооружување во регионот, Ердоган рече дека САД веќе го водат тој натпревар, со оглед на тоа дека во Сирија беа доставени повеќе од 5.000 шлепери и 2.000 товарни авиони оружје.
„Мислам дека чекорoт на поранешниот американски претседател Барак Обама и Иран беше позитивен. Тоа беше чекор кон мир, но сега тoj мир е загрозен и започнува процес на нови проблеми во регионот. Ние сме загрижени за овој потег и не го одобруваме, ниту пак, го сметаме за правилен“, заклучи Ердоган.
Коментирајќи ги новите тензии меѓу Иран и Израел, турскиот претседател Ердоган истакна дека се потребни нови мировни процеси, бидејќи во спротивно Блискиот Исток би можел да биде во хаос.
„Како непотполно го сметам прашањето дали сум загрижен дека ситуацијата би можела да излезе од контрола. Израел сега фрли повеќе од 50 ракети во Сирија. Тоа не е ништо друго, освен провокација и разгорување на војна. Израел спроведува постојан терор во регионот“, рече Ердоган.
Тој додаде дека Израел тврди дека цел на неговите напади се позициите на иранските сили, но дека тоа е еднострано тврдење со оглед на тоа што Иран ги негира овие наводи.
Ердоган го повика Западот да ги преиспита своите ставови и активности во врска со кризата во Сирија и изрази загриженост дека продолжувањето на досегашните операции може да доведе до нови проблеми.
Турција со Русија и Иран во Астана спроведува мировни преговори за Сирија, иако Москва и Техеран се најголемите сојузници на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад.
„Јас сум уште против Башар ал Асад, не сум со неговиот режим, но со Русија и Иран на трилатерална основа правиме чекори кон мир за луѓето во Сирија", рече Ердоган, додавајќи дека, исто така, соработува со западните сили.
Укажувајќи на решителната борба на Турција против огранок на терористичката организација ПКК во Сирија, Ердоган рече дека Турција нема проблем со Курдите како народ, туку само со терористите на ПЈД и ЈПГ.
„Ние нема да им дозволиме на терористите да го воспостават својот коридор на север од Сирија. Се боревме во Јарабул, па во Африн, и ќе продолжиме со оваа борба и понатаму“, рече Ердоган. Истакнувајќи дека Турција не сака Асад да остане на власт во Сирија, Ердоган рече дека политичкото решение е единственото што може да донесе траен мир во тој регион.
Запрашан да коментира за предвремените избори кои во Турција се распишани за 24 јуни, Ердоган рече дека Турција е правна држава и дека сите процеси се одвиваат во тие рамки.
„Изборите во Турција се слободни и ќе бидат следени од бројни странски делегации, вклучувајќи го и ОБСЕ. Резултатите ќе покажат кој е победник на изборите и секој треба да го почитува ова. Ако повторно победиме, тоа мора сите да го почитуваат, а и ние ќе ја почитуваме волјата на народот, ако некој друг победи“, заклучи Ердоган.
news_share_descriptionsubscription_contact
