Andaç Hongur,Halil İbrahim Başer
01 Јануари 2017•Ажурирај: 02 Јануари 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, остро го осуди синоќешниот терористички напад во Истанбул и рече дека Турција е одлучна во борбата против подлите терористи кои се обидуваат да предизвикаат хаос и дестабилизација на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
„Преку овој подол напад врз цивили, непријателите на нашиот народ и нивните соработници се обидуваат да ја дестабилизираат нашата земја, да го загрозат моралот на нацијата и да предизвикаат хаос. Меѓутоа, со дополнително обединување на нашите сили, ние никогаш нема да им дозволиме на злосторниците да успеат во овие намери“, порача Ердоган.
Минатата ноќ, во терористички напад во ноќен клуб во истанбулската област Бешикташ загинаа најмалку 39, а повредени се 69 лица, а истрагата за нападот е во тек, како и опсежната полициска потера по напаѓачот.
Турскиот претседатл Ердоган утринава во пишано соопштение порача дека каква било загуба на човечки живот претставува посебна болка во срцето на Турција и нејзиниот народ, но исто така дава и дополнителна сила во борбата за конечно уништување на тероризмот.
Ердоган, исто така, истакнува дека Турција е цел на разни терористички организации и дека е свесен оти случувањата во регионот не се случуваат независно едни од други.
„Ние сме решени во корен да ги уништиме заканите и нападите врз нашата земја. Секој човечки живот којшто ќе го загубиме во оваа борба дополнително ги потресува нашите срца, но, исто така, ја зајакнува и нашата решителност во борбата. Како држава и како народ до крај ќе се бориме против терористите и против оние кои стојат зад нив“, рече Ердоган.