Fatih Hafız Mehmet
18 Декември 2017•Ажурирај: 19 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека Турција е горда на грижата што им ја пружа на бегалците и мигрантите, јавува Anadolu Agency (AA).
„Колку што нашите глави во Турција се подигнати кога станува збор за грижата за мигрантите, за жал, толку се спуштени главите на државите кои се претставуваат како развиени, модерени и цивилизирани“, порача Ердоган на собирот во Анкара, организиран по повод Меѓународниот ден на мигрантите.
Истакнувајќи дека Турција примила и води грижа за околу 3,5 милиони бегалци од Сирија, Ердоган рече дека Турција нема никакви скриени планови, туку дека тоа го смета за своја должност кон браќата во неволја.
Турскиот претседател во оваа пригода го осуди неодамнешниот потег на американскиот претседател, Доналд Трамп, за признавање на Кудс како главен град на Израел.
„Кога станува збор за статусот на Кудс, мора да се преземат конкретни, видливи и ефикасни чекори“, порача Ердоган.
Тој истакна дека тоа прашање не може да се реши само со љубовта што секој ја носи во срцето кон светиот град, ниту пак одговорноста кон тој случај може да се исполни само со зборови.
„Секое расплачено дете во Кудс и во другите палестински градови, секоја мајка која страда и секој погоден, претепан или навреден човек се предзнаци на невреме кое се приближува. На местото без правда има насилство, но постои и почеток на будење. Прашањето за Кудс ќе предизвика будење на целото човештво, а посебно на муслиманите“, порача Ердоган.