Ekipa
27 Ноември 2017•Ажурирај: 27 Ноември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека светот денес мора да се спротистави на атомските бомби, но исто така и на свеста на оние што ги поседуваат и сметаат дека легитимно можат да ги употребат против невини луѓе, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган зборуваше на 4. Меѓународен конгрес за зависноста од технологија, кој се одржува во Истанбул, а организатор на настанот е организацијата Зелена полумесечина (Yesilay).
Тој ја поздрави борбата на организациите против зависноста од алкохол, цигари, наркотици, но и од технологија.
Ердоган изјави дека верува оти конгресот ќе биде можност за претставување на насоките како за јавните установи, така и за семејствата, но и за младите.
Тој истакна дека промените и новитетите се неизоставен дел од животот на човекот.
„Уште од настанувањето, човечкиот род непрестајно бара начини за да си го олесни животот, да обезбеди иднина, да се заштити од опасноста. Оваа потрага некогаш го водеше човекот до нови земји, некогаш до нови изуми, а некогаш до сосема нови идеи. Човештвото до Судниот ден ќе биде љубопитно, ќе прашува и ќе ги поместува границите“, изјави Ердоган.
Тој додаде дека секој изум, секој технолошки развој внел значајни промени во животот на човекот и како примери ги наведе велосипедот, хартијата, барутот, компасот, печатарската машина, електричната енергија, телефоните...
Исто така, тој додаде дека постојат два вида луѓе. Односно, дека постојат луѓе кои со часови чекаат во ред за да купат нов телефон, но и такви што живеат во свет без технологија и го наведе примерот на Амишите.
Ердоган се осврна и на оружјето за глобално уништување.
„Ако ја погледнете свеста на оние што се залагаат за борба против нуклеарните глави и оружја, ќе видите дека еден од нив поседува 15.00 или 16.000 нуклеарни глави, друг поседува 12.500, трет ќе видите дека има 7.500 боеви глави.
Тие бројки се катастрофални сами по себе. Сметаат дека имаат право да одлучат кога и против кого да ги употребат, а на другите им велат дека тоа не можат да го прават, и веднаш се закануваат со прст. Ете, тоа е сржта на проблемот. И тоа е еден вид зависност за која мора да се дискутира“, порача Ердоган.
Тој предупреди и дека мора да се постави критериум за технолошките достигнувања да служат за напредок, но никако не за уништување на светот.
Ердоган потсети дека новите проблеми за коишто пред 10-15 години не се зборуваше, меѓу кои и зависноста од технологија, се причина за појава на одредени болести.
Турскиот претседател изјави дека со вакви проблеми особено се соочуваат земјите коишто се водечки во технологијата и ги наведе како пример Јужна Кореја, Кина и Сингапур.
Тој изјави дека истражувањата спроведени во тие земји покажуваат дека зависноста од технологија, особено меѓу младите, достигнала толку големи размери што ѝ се заканува на заедницата.
Ердоган укажа и на синдромот на есктремно социјално повлекување од кој во Јапонија страдаат повеќе од милион млади лица, како и на тоа дека децата и младите сѐ повеќе време поминуваат во гледање телевизија и во пребарување на интернет.
Тој додаде дека во медиуми често можат да се пронајдат вести за деца кои починале поради играње на компјутерски игри, но и лица повредени при пад за време на фотографирање.
Турскиот претседател наведе дека некои луѓе телефонираат или пишуваат пораки дури и додека возат.
„Дискусиите на социјалните мрежи зедоа примат над фините дискусии во кругот на пријателите. Луѓето времето го поминуваат со телефоните и кога се покрај Бејтулах во Мека или во џамијата на Пратеникот во Медина, во кои првенствено би требало да се молат и да бидат покорни кон Бога. За жал, технологијата што требаше да ни го олесни животот, нѐ оддалечува од него“, изјави Ердоган.
Тој нагласи дека од секоја зависност постојат методи на лекување, па така и од зависноста од технологијата.
„Зависноста од технологија, како што е случајот и со другите зависности, не е неизлечива. Работата е во тоа да не се допушти нашите животи да им се подредени на уредите што ги набавивме да ни го олеснат животот“, заклучи Ердоган.