Bahattin Gönültaş,Fatih Erkan Doğan
26 Декември 2016•Ажурирај: 27 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на своето денешно обраќање преку видеолинк, на церемонијата на отворањето на новиот тунел, изјави дека благодарение на тој проект, луѓето преку тунелот Илгаз патуваат безбедно и удобно, избегнувајќи ги тешкотиите во патувањето од изминатите години, особено за време на зимскиот период, јавува Anadolu Agency (AA).
„Серијата свечени церемонии на отворање, кои започнаа со мостот Османгази, во јуни, па потоа со отворањето на мостот Јавуз Султан Селим и неодамна на тунелот Евроазија, продолжија со тунелот Илгаз 15 јули (во спомен на загинатите херои во неуспешниот обид за државен удар во Турција на 15 јули)“, изјави Ердоган.
„Во 2002 година, Турција имаше 83 тунели-автопати. Во изминатите 14 години, на оваа бројка додадовме уште 183 нови тунели“, нагласи турскиот претседател Ердоган, потенцирајќи дека се целосно посветени на поставените цели за 2023 година.
Ердоган напомена дека Организацијата за економска соработка и развој сега ја класифицира Турција како земја со висок приход, и дека Турција ќе продолжи да се движи кон целите, и покрај предизвиците во земјата и надвор од неа.
„Со 29 нови, станавме земја со 55 аеродроми. Аеродромот во Истанбул, чија изградба е во тек, ќе биде најголемиот аеродром во светот. Од образованието, здравството, енергетиката, преку изградбата на станбени објекти и во други области, бележиме слични резултати, и чекор по чекор одиме кон целите поставени за 2023 година”, изјави Ердоган.
„Несомнено е дека имаме нови предизвици. Не го заборавивме ужасниот обид за државен удар на 15 јули. Не ги заборавивме нашите загуби. Не ги заборавивме нашите херои и ветерани. Не ги заборавивме направените жртви во борбата против тероризмот“, нагласи тој и додаде:
„Но сите овие околности не го сменија фактот дека Турција продолжува да се развива и да расте. Турција е земја што докажа дека е во можност да расте, и покрај безбедносната загриженост“.