Arife Yıldız Ünal
26 Декември 2016•Ажурирај: 27 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Иако во 2016 година во Турција се случија повеќе терористички напади и обидот за државен удар, оваа земја ќе ја запамети 2016 и по мегапроектите што се реализирани во последните 12 месеци, јавува Anadolu Agency (AA).
Од турските мегапроекти во 2016 година треба да се издвојат мостот Јавуз Султан Селим во Истанбул, тунелот „Евроазија“ под Босфорот, кој ја спојува европската и азиската страна на Истанбул, и мостот „Османгази“, дел од автопатот кој е најголем патен инфраструктурен проект во турската историја.
Покрај тоа, денес во Кастамон ќе биде отворен тунелот Илгаз, тунел на независноста 15 јули.
- Мост Османгази -
Мостот Османгази е четвртиот најголем мост во светот, втор најголем висечки мост во Европа. Висечкиот мост помеѓу градовите Гебзе и Јалова има средиштен распон од 1.550 метри, висината на носечките столбови е 252 метри, а вкупната должина на мостот е 2.682 метри. Патувањето преку Заливот е намалено од два часа на четири минути.
- Мост Јавуз Султан Селим-
Мостот е долг 1,4 километри, широк 59 метри, има осум сообраќајни ленти и двонасочна железничка пруга. Изградбата чинеше 900 милиони евра. Јарболите на мостот се високи 323 метри. Мостот беше отворен на 26 август.
- Евроазиски тунел -
Станува збор за сообраќаен тунел под Босфорот, кој го поврзува европскиот и азискиот брег, од едната до другата страна на Истанбул, односно помеѓу Казилчешме и Ѓозтепе ќе се патува за 15 минути, наместо 100 минути колку што претходно беше потребно. Изграден е на 106 метри под нивото на морето. Проектот е долг 14,6 километри, а беше отворен на 20 декември.
- Тунел Илгаз 15 јули -
Изградбата започна во 2012 година. Тунелот ги поврзува областа внатрешна Анадолија и западниот црноморски регион. Влезот и излезот на тунелот се проектирани во облик на уста од ајкула. Се состои од две цевки, едната долга 5.370, а другата 5.391 метри. Со овој мегапроект ќе се намали бројот на сообраќајни несреќи, кои не се реткост поради честиот снег и острата зима на планината Илгаз.
Откако ќе биде отворен, со тунелот ќе се скрати патот на планината долг 16,8 километри, на 11,4 километри. Со тоа, патувањето од 15 минути ќе биде скратено на 8 минути. Исто така, ова ќе биде најдолгиот тунел во Турција отворен за сообраќај.
- Сателит Ѓоктурк-1 -
На почетокот од месецот беше лансиран турскиот сателит Ѓоктурк-1, кој има за цел без географски ограничувања да испраќа сателитски снимки со висока резолуција.
Производството, развојот и тестирањата на вториот воен сателит Ѓоктурк-1 започнаа на 19 јули 2010 година.
Воениот сателит Ѓоктурк-1 со своите карактеристики во однос на капацитетот и резолуцијата на снимките, со брзината на преземање на податоците, способноста за маневрирање и развиениот систем на земјата ќе го зајакне присуството на Турција во оваа сфера во вселената. Планирано е сателитот годишно да испраќа повеќе од 60.000 снимки.
Мегапроектот во секторот за комуникации во Турција е воведување на 4,5 G технологија која во мобилната комуникација е десетпати побрза од 3 G.