Ekipa
14 Февруари 2018•Ажурирај: 15 Февруари 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во врска со терористичката организација ФЕТО изјави дека оваа структура претставува голема закана за сите земји, не само за Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Оваа структура не се колеба да пролева крв поради сопствените интереси. Тие се голема закана за сите земји, а не само за Турција. Нашите пријатели во Африка што порано ги преземат неопходните мерки на претпазливост, толку ќе биде подобро за нив и нивните деца и за иднината“, рече Ердоган на прес-конференцијата во Анкара со претседателот на Гамбија, Адама Бароу.
Тој истакна дека Република Турција ќе продолжи да ја зајакнува соработката со Гамбија во наредниот период.
„Важно е и понатаму да ја зачуваме волјата и подготвеноста со цел додатно зајакнување на соработката на сите полиња“, рече турскиот претседател.
Тој потсети дека Турската агенција за меѓународна соработка и развој (ТИКА) досега спроведе бројни проекти во Гамбија, пред сè во областите на здравството, сточарството, земјоделството и безбедноста.
Тој посочи дека Турција 2005 година ја прогласила година на Африка, истакнувајќи дека оттогаш интензивно се продлабочуваат односите со африканските земји.
„Во Африка, каде што имавме 12 амбасади, сега тој број го зголемивме на 41. Турција на многу меѓународни платформи го претставува и гласот на Африка, а така ќе биде и во иднина“, рече Ердоган.
На крај нагласи дека за проблемите во Африка потребно е да се понудат домашни решенија, а не да бидат прифатени одредени предлози наметнати однадвор.
„Нашиот главен принцип во однос на партнерството со Африка е да најдеме африкански решенија за проблемите на тој континент. Ние никогаш нема да одобриме арогантни и интервенционистички ставови кон континентот“, рече турскиот претседател.
Претседателот на Гамбија, Бароу, изрази благодарност до Турција за добрите односи што ги има со неговата земја.
„Турција отсекогаш била земја модел за целиот свет и верувам дека така ќе биде и во иднина“, рече гамбискиот претседател, додавајќи дека Турција е многу толерантна земја.
„Во дипломатијата отсекогаш сте биле земја водич, Турција е земја која ги прифати христијаните и евреите. Тој вид толеранција најдобро зборува за вас“, рече Бароу.
За време на состанокот на двајцата претседатели беа потпишани договори меѓу двете земји во областа на економијата и трговијата.