Nazmi Abduramani
23 Август 2016•Ажурирај: 25 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Европската Унија и Светската банка, заедно со агенциите на ОН во земјава одговорија на барањето на Владата на Македонија за помош во справување со штетите предизвикани од поплавите, кои на 6 август ја погодија околината на Скопје, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што се наведува во заедничкото соопштение на делегациите, покрај тековните напори за помош по непогодата, заеднички тим на стручни лица за санација на катастрофи од страна на ЕУ, ОН и Светската банка, беше распределен во земјата за да работи заедно со колегите на идентификување на причините за поплавите и проценка на нивните последици врз населението и економијата.
Се очекува проценката да заврши до крајот на септември 2016 година. Анализата на тимот ќе се засновува на принципите на одржлив развој. Ова ја вклучува реконструкцијата и подобрувањето на оштетената инфраструктура со цел зајакнување на нејзината отпорност и зголемување на нејзината улога во спречувањето на слични катастрофи во иднина.
Стратегијата за реконструкција ќе ги одреди итните приоритети и ќе даде детална проценка на трошоците, обезбедувајќи рамка за донаторска поддршка.
„Агенциите на ЕУ и ОН се активни во обезбедувањето помош. Агенциите на ОН обезбедија финансиска помош за Црвениот крст и ги дистрибуираа потребните залихи како што се средства за лична хигиена, душеци и ќебиња од сопствените резерви”, се наведува во заедничкото соопштение.
ЕУ веднаш го активираше Механизмот за цивилна заштита на барање на националните власти, а земјите-членки на ЕУ, се додава во соопштението, брзо обезбедија материјална и финансиска помош преку овој систем.
Европската комисија донираше 150.000 евра директна помош, додека придонесот од земјите-членки на ЕУ изнесува над 2 милиони евра. Во 2015 година ЕУ одобри пакет од 10 милиони евра за земјата заради справување со последиците од поплавите и преку Директоратот за цивилна заштита и хуманитарна помош на ЕУ обезбеди 3 милиони евра за регионалната програма за поголема подготвеност во случај на катастрофи.
Инаку, како резултат на силното невреме на 6-ти август, кое предизвика поплави во неколку населени места во околината на Скопје како и голема материјална штета, загинаа 22 лица, а едно 16-месечно дете сè уште се води за исчезнато.