Ekipa
14 Јули 2017•Ажурирај: 14 Јули 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Припадниците на израелската војска утринава убија тројца Палестинци за кои тврдат дека се обиделе да извршат оружен напад во кругот на џамијата Ал-Акса во Ерусалим, јавува Anadolu Agency (AA).
Џамијата Ал-Акса е затворена, а полицијата соопшти дека во неа денес нема да биде извршена петочната молитва, редовна заедничка молитва на муслиманите во петок.
Директорот на комплексот на џамијата Ал-Акса, Омер Кисвани, за АА изјави дека за првпат од 1969 година па наваму, во џамијата Ал-Акса е забрането извршување на петочната молитва на муслиманите.
„Ова е навистина многу опасен чекор. Ова е отворен напад на верската слобода и слободата на извршување молитва“, изјави Кисвани, и додаде:
„Утринава, околу седум часот добивме информација дека израелската полиција убила три палестински момчиња. Полицијата потоа ја затвори џамијата Ал-Акса и соопшти дека денес нема да биде извршена петочната молитва. Окупациските сили наводно поради безбедносни мерки нѐ спречуваат во извршувањето на молитвата. Не знаеме што се случува во моментот во џамијата Ал-Акса“.
Тој понатаму наведува дека во џамијата, во моментот се наоѓа полицијата, израелските претставници и министерот за јавна безбедност.
„Не ни е познато што конкретно прават внатре. Но, за сето што се случи, одговорни се израелските окупатори. Израел ја користи оваа ситуација и на тој начин планира да ја измени структурата на џамијата Ал-Акса. Екстремно десничарската влада сето тоа го користи“, додаде Кисвани и упати повик на муслиманите да им се дозволи денес да ја извршат петочната молитва во џамијата Ал-Акса.
„Не ги прифаќаме нивните чекори, ова е отворено насилство“, изјави Кисвани.
Од друга страна, ерусалимскиот муфтија, шеик Мухамед Хусеин, ги повика сите муслимани да се соберат околу ѕидовите на стариот град, за да извршат молитва.
Претставници на израелската Црвена Давидова ѕвезда утринава соопштија дека се ранети тројца Израелци, меѓу кои двајца потешко. Локалните медиуми наведуваат дека се работи за израелски полицајци.
Освен тоа, блокирани се влезовите во дел од градот каде што се наоѓа џамијата Ал-Акса. На влезовите од градот се распоредени голем број израелски полицајци, а над градот е забележан и хеликоптер.