Zehra Aydın
26 Февруари 2017•Ажурирај: 27 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Турската Управа за развој и домување (ТОКИ) заврши речиси половина од изградбата на безбедносниот ѕид долж турско-сириската граница, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на ТОКИ, Ергун Туран изјави дека е готова изградбата на повеќе од половина од ѕидот, додавајќи дека изградените ѕидови се високи три метри, и дека на тоа е додадена бодликава жица во висина од еден метар.
„Дебелината на ѕидот е 30 сантиметри. Ѕидот го градиме на начин да може утре да се премести на друго место. Во текот на изградбата користиме бетон со висока отпорност“, истакна Туран.
Тој додаде дека е изграден и безбедносен пат и контролна кула. Според него, ѕидот ќе биде висок четири метри, а долг 511. 794 метри.
„До денес завршена е изградбата на 290 километри од ѕидот на границата кај Шанлиурфа, Газиантеп, Килис, Хатај, Мардин и Ширнак. Во тек е работата на делот од 221 километар и ќе биде завршен што е можно поскоро“, рече Туран.
Тој истакна дека ѕидот се состои од блокови тешки по седум или осум тони.
„Кога ќе биде отстранет проблемот во однос на безбедноста, ѕидот може да се префрли на друго подрачје и да го користиме како што сакаме. Sидот и патот го градат локални, турски компании. Речиси секој ден градиме 2,5-3 километри должина од ѕидот и патот. Со завршувањето на ѕидот границата ќе биде побезбедна“, нагласи Туран.