Ekipa
21 Август 2018•Ажурирај: 22 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, испрати писмо со честитки по повод празникот Курбан бајрам до сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во писмото упатено до претседателот на Исламската верска заедница на Република Македонија, реис-ул-улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи, и до членовите на Ријасетот на ИВЗ, премиерот Заев на сите припадници на исламската верска заедница им посакува среќни празнични денови, со срдечни желби празникот да помине во благослов, добро расположение и во добро здравје.
„На сите припадници на исламот, Курбан бајрам да им донесе мир, спокој и бериќет“, истакнува во честитката премиерот Заев.
Тој нагласува дека овој голем празник нè потсетува дека добрината треба да биде наша водилка, дека во животот зад нас треба да оставиме длабоки траги на добрина кон сите во општеството и кон оние на кои им е најпотребна нашата помош.
„Деновите на Курбан бајрам се денови кога се потсетуваме на вредностите што празникот ги слави и возвишува, како што е помагањето и солидарноста со пријателите, со соседите, со сите коишто се околу нас“, нагласува премиерот Заев.
„Празникот Курбан бајрам порачува и да ја негуваме добрината кон другиот, добрината кон различните. Тоа е порака водилка и за сите нас, граѓаните на Република Македонија, за да продолжиме заеднички да ја зајакнуваме нашата општествена заедница како едно општество за сите, како единствен пат кој води до наш заеднички дом, во кој секој граѓанин има еднакви услови за живот, среќа и реализација на сопствените амбиции“, истакна премиерот Зоран Заев во честитката по повод празникот Курбан бајрам.