Şerife Çetin
15 Ноември 2017•Ажурирај: 16 Ноември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) не го испочитува договорот за распределба на бегалците меѓу своите земји-членки, јавува Anadolu Agency (AA).
Резултатите презентирани во Извештајот на Европската комисија за распределба на мигрантите во рамките на ЕУ покажаа дека Унијата сè уште не ги исполнила дадените ветувања во врска со распределбата на бегалците.
Во септември истече рокот за распределба на бегалците во ЕУ, но според досегашните податоци, земјите-членки од предвидените 160.000 прифатија само 31.500 мигранти кои пристигнаа во Грција и Италија.
Како што е наведено во споменатиот Извештај, Чешка прифатила само 12 мигранти, додека Унгарија и Полска не прифатиле ниту еден.
Комесарот на ЕУ за миграции, внатрешни прашања и државјанство, Димитрис Аврамопулос, во текот на претставувањето на Извештајот порача дека се очекува Унгарија, Полска и Чешка конечно да почнат да прифаќаат бегалци.
Според Договорот за мигранти потпишан во 2016 година помеѓу ЕУ и Турција, земјите-членки требаше од Турција да прифатат 72.000 мигранти, но, како што е наведено во Извештајот, прифатиле само 11.354.
Во Извештајот уште се наведува дека договорот помеѓу Турција и ЕУ претставува можност за соочување со мигрантската криза во источниот Медитеран.
На крајот од Извештајот се наведува дека до крајот на годината ЕУ ќе исплати 3 милијарди евра кои ѝ ги вети на Турција во рамките на споменатиот Договор за мигранти. Од Европската комисија претходно соопштија дека досега на Турција од ветените 3 милијарди евра исплатени се само 908 милиони евра.