СКОПЈЕ (АА) - "Исчезнувањето на повеќе од 10.000 деца бегалци кои патувале без придружба на родител или старател во европските земји претставува поразителен факт не само за демократскиот систем туку и за безбедносниот" , вели во разговор за Anadolu Agency (AA), Драги Змијанац, извршниот директор на првата детска амбасада во светот "Меѓаши" во Скопје која е основана пред повеќе од две децении, коментирајќи ги неодамна објавените официјални податоци на Европол, според кој над 10 илјади деца бегалци исчезнале по доаѓањето и пријавувањето во европските земји, како и претпоставката дека околу милион бегалци во текот на минатата година влегле во Европа, од нив 27 отсто биле деца, одосно околу 270.000.
"Само во изминатиот месец 62 илјади бегалци влегле преку Грција во Македонија и другите западно-европски земји од кои 60% се мајки и деца. Она што не запрепасти е не само податокот што го даде Европол, туку како е можно криминалните структури во западно-европските земји кои постојат да се инкорпорираат во безбедносниот систем. Да биде толку порозоивен безбедносниот систем да можат да киднапираат, грабнуваат, да се занимаваат со трговија со деца, детски органи, секс туризам, детска проституција, детска порнографија, нелегално посвојување, злоупотреба на децата и нивниот труд во гиганти фабрики во конфециската индустрија", вели Змијанац, наведувајќи ги најчестите видови на злоупотреба на децата бегалци. Тој смета дека криумчарењето на децата бегалци го вршат добро организирани структури кои се меѓународно поврзани.
"Мислам дека овие криминални структури се врзани со Сирија и Ирак од каде транцизитираат бегалците, добиваат информации и ги искористуваат слабостите на овие страдалници кои бегаат од пеколот на војната" , истакнува извршниот директор на детската амбасада "Меѓаши", Драги Змијанац. Тој кажува дека организацијата која ја предводи како и другите граѓански органзации кои се занимаваат со актуелната бегалска криза уште минатата година во медиумите укажувале дека меѓународниот фактор мора да се мобилизира и сериозно да пристапи кон овој проблем за да не дојде до злоупотребување на децата бегалци.
"Имено кажавме дека на децата кои тразитираат низ рутата Грција, Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Унгарија и понатаму и другите западно-европски земји, не смее да им се дозволи да транзитираат без родител, без најблизок во семејството или да им се назначи по законска основа старател кој ќе го гарантира сигуирниот транспорт и транзит од границата на влегување до границата на излегување. Дали тоа доволно се почитувало, немам информации само знам дека, само минатата година во Македонија имаат влезено 9.880 деца. Веројатно, бројката во меѓувреме се зголемува и оваа бројка од десет илјади е регистрирана, но сигурно, тука има и сива бројка, затоа што веќе добиваме информации дека во Германија 5.000 деца се исчезнати и грабнати, дека во Италија има исто толку, околу пет илјади деца, исчезнати и грабнати, не им се знае трагата, во Шведска илјада,тогаш може да замислите во другите западно-европски земји каде што им е крајната дестинација", објаснува Змијанац, наведувајќи одредени земји во кои има голем број на изчезнаци деца.
-Сите европски земји потклекнаа во одоговорот на бегалската криза
Со намера да се делува превентивно, вели Змијанац, граѓанските организации, меѓу кои и првата детска амбасада во светот "Меѓаши" беа на терен и инсистираа државата да донесе Закон за азиланти со цел да се заштитат бегалците и да им се гарантира потребното ниво на безбедност и хуман третман. Змијанац подвлекува дека генерално гледано, сите европски земји потклекнаа во одговорот на бегалската криза.
"Генерално, сите земји во Европа потклекнаа во одговорот. Прво, како да ги дефинираат дали се тоа мигранти, дали се тоа бегалци, дали се тоа страдалници погодени од војната или економски мигранти и во таа конфузија и недоволно дефинирање на проблемот, потклекнаа и затаија скоро сите, затоа што бегалецот има посебен статус, загарантиран со меѓународни конвенции каде му се обезбедува максимална сигурност, безбедност и не само како баратели на азил туку и како баратели на азил. Како успеаа криминалните банди да исчезнат 10 илајди деца е срам и пораз и за Европа и за западно-европските земји и за првата дестинација, мислам највеќе на Грција, затоа што со влегувањето во Грција, тие се веќе во ЕУ затоа требаше сите напори да ги направат западно-европските земји за да се гарантира нивната безбедност во влезот на европско тло".
Змијанац исто така забележува дека европските земји иако се потписници на многу конвенции и ратификувани документи кои се однесуваат на заштита на децата и почитување на основните човекови права, сепак потклекнаа и не ги испочитуваа доследно. Тој потсетува дека европските земји се потписници на многу конвенкции и ратификувани документи кои требаше да бидат доследно испочитувани, посебно Конвенцијата за правата на детето, Протоколот против трговија со деца и детски органи, но и спречувањето на најлошите злоупотреби на детскиот труд.Сепак, Змијанац додава дека се надева дека во меѓувреме граѓанскиот сектор ќе изврши притисок и ќе ги мобилизира државните институции да стапат во непосреден контакт со роднините, родителите, пријателите на исчезнатите деца, да ги пронајдат, да ги спојат со семејството. "На тој начин мислам дека ќе успеат да положат барем малку од испитот на хуманоста, солидарноста и граѓанско право на секој страданик да му се гарантира целосна безбедност и сигурност таму каде што престојува или транзитира", наведува Змијанац.
-Психосоцијалната поддршка и помош, најважна за децата бегалци
"Ние не треба да имаме никакви предрасуди кон нивната голгота и нивната траума. Посебно кон децата. Сметаме дека првата помош на психосоцијалната поддршка е многу важна да им се даде на овие деца. Да ги охрабриме да знаат дека со стапнувањето на европското тло им се гарантира нивната сигурност и безбедност и дека ќе се транзирира не само додека транзитираат, туку и до нивната крајна дестинација. Мислам дека тука многу голема улога имаат меѓународните организации како што се Високиот комесаријат за бегалци, Меѓународна организација за миграции, УНИЦЕФ и граѓанските организации" ,укажува Змијанац во разговорот за АА, наведувајќи при тоа дека Република Македонија, односно граѓанскиот секор дава максимум и ги вложува сите капацитети за да им помогне на бегалците.
Помеѓу останатото, првиот човек на детската амбасада "Меѓаши", Драги Змијанац, наведува дека уште минатата година тие апелирале до меѓународната заедница да издвои повеќе средства за Турција, Грција, Македонија и Србија, за да можат соодветно да одговорат на бегалската криза, бидејќи тие се земјите кој го носат најголемиот товар во однос на безбедноста и сигурноста на децата, пред се на нивното сместување, евидентирање и транзитирање.
Змијанац порачува дека со детската судбина нема калкулирање, а дека на нив, најмногу може да им се помогне со пронаоѓање на нивните родители.
"Со судбината на децата нема калкулирање. Не треба да се стави под прашање под ниту еден основ дали се мигранти, дали се бегалци, дали децата бегаат од војна или се еконосмки мигранти. Едноставно, децата се пред се деца, и пред се, и над се, децата мора да бидат приоритет на секоја држава и мора да им се гарантира сигурноста и безбедноста. Најмногу може да се помогне со пронаоѓање на нивните исчезнати родители и децата да не се пуштаат сами да патуваат без придружба".
- "Меѓаши" активно ќе работи на помагање на децата бегалци
Детската амбасада Меѓаши, прави низа активности со кои се обидува да им помогне на децата бегалци. Во соработка со Форумот за слобода на образованието од Хрватска, подготви публикацијата „Сите сме деца на овој свет: како со учениците да се разговара за бегалската криза“. Дејноста на Детската амбасада Меѓаши, покрај непосредното вклучување во помагањето на бегалците, исто така е и етичкото и мировното образование. "Овaa публикација е обид да придонесеме кон разбирањето на тешката состојбата на илјадниците луѓе кои секој ден минуваат низ Македонија, блиску до нас и нашето секојдневно живеење", рече Змијанац во врска со публикацијата.
Тој во интервјуто за АА информираше и дека двајца психолози од детската амбасада "Меѓаши" во наредните три месееци еднаш неделно ќе одат во прифатниот бегалски камп во Гевгелија, каде ќе работат со децата бегалци, на нивното психолошко јакнење на пост-трауматско и психолошко јакнење на децата за да тие можат да издржат во напорите да излезат послилни борејќи се со егзодусот кој го преживуваат.
news_share_descriptionsubscription_contact
