Admir Fazlagic
08 Септември 2016•Ажурирај: 09 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска го пречека познатиот спортист хуманист и светски рекордер Емил Илиќ кој придружуван од тројца млади маратонци, го заврши пешачкиот маратон во должина од 268 километри, што се реализираше по повод 25-годишниот јубилеј од независноста на Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Кабиентот на претседателот Иванов, тој честитајќи го успехот на маратонците, истакнал дека „на овој наш голем празник, ваквиот подвиг е поттик и позитивен пример за сите млади луѓе во Македонија".
Илиќ, на својата цел во Кабинетот на Претседателот, повика на обединување на граѓаните за напредок на нашата земја.
„Мислиме дека ова е добар пример за целиот македонски народ, особено за политичарите, како што се обединуваме ние спортистите и тие да се обединат, со цел напредок на Република Македонија, затоа што тоа го заслужува Македонија и македонскиот народ", истакна Илиќ.
Тој додаде дека патот што го изоделе бил исклучително тежок поради неповолните временски услови.
Рече дека двајца од маратонците коишто го придружувале, биле приморани да се откажат поради повредите со кои што се здобиле.
Маратонот стартуваше од манастирот „Свето Преображение" во Крушево, додека маршрутата се одвиваше преку Росоман, Градско, Велес и Скопје.
Илиќ на приемот во Вила Водно му врачи плакета на претседателот Иванов, како израз на благодарност, за неговата континуирана поддршка за развој и унапредување на спортот во Република Македонија.
Инаку, Емил Илиќ во 2007 година се стекна со титулата светски рекордер во пешачки маратон, што му ја издаде Академијата за светски рекордери од Лондон, Велика Британија.