Ivana Ramadanova
29 Јули 2016•Ажурирај: 30 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Обединетите Арапски Емирати (ОАР) и на Народна Република Бангладеш за Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од кабинетот на претседателот соопштуваат дека на средбата со новоименуваниот амбасадор на ОАР за Македонија со седиште во Рим, Сагер Насер Алраиси, Иванов изразил уверување дека во периодот што следува ќе се изнајдат нови форми за содржинско збогатување на билатералната соработка во повеќе области од заеднички интерес.
„Претседателот Иванов изразил задоволство од досегашните договори за соработка кои претставуваат подлога за интензивирање на економската соработка и привлекувањето инвестиции кои ќе бидат од заеднички бенефит и за двете земји. Амбасадорот на ОАЕ, Алраиси изразил подготвеност за унапредување на соработката во повеќе области, особено во областа на трговската размена, научната и технолошката соработка, како и соработката во областа на земјоделството и туризмот", стои во соопштението од кабиентот.
Македонскиот претседател на средбата со новоименуваниот амбасадор на Народна Република Бангладеш за Македонија со седиште во Мадрид, Хасан Махмуд Кандкер изразил очекување за развој и унапредување на меѓусебните односи на двете земји, со посебен интерес за интензивирање на соработката во сферата на економијата.
Истакнувајќи ги глобалните предизвици, со акцент на терористичките напади што го потресуваат светот, претседателот Иванов изразил длабоко сочувство кон граѓаните на Бангладеш по повод неодамнешниот терористички напад.
„Само со максимална соработка и придонес во борбата против тероризмот можеме да изградиме мир и стабилност", подвлекол претседателот Иванов, посакувајќи им на новоименуваните амбасадори успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.