Cuneyt Davut
15 Март 2016•Ажурирај: 16 Март 2016
ИДОМЕНИ (АА) - Состојбата во импровизираниот бегалски камп во Идомени се влошува поради внежите од дожд, а бегалците не престануваат да доаѓаат надевајќи се дека сепак границата кон Македонија ќе биде отворена, јавува Anadolu Agency (AA).
Бабар Балок, координаторот на УНХЦР во Идомени вели дека временските услови ја влошија и онака лошата состојба во бегалскиот камп. Тој предупредува дека состојбата во кампот е загрижувачка.
"Нема никакво подобрување на ситуацијата овде. Дождот кој врне веќе неколку дена ја влоши и онака лошата ситуација. Ние не гледаме никакво подобрување на оваа загрижувачка состојба", изјави Балок, додавајќи дека во кампот има сеуште деца кои немаат обувки и одат боси.
Балок рече дека лошите временски услови најмногу влијаат на децата бегалци, како и дека ладното време го чувствуваат сите. Тој информираше дека бројот на бегалците во кампот во Идомени не се намалува, туку дека сеуште пристигнуваат нови групи на бегалци.
"Поради дождот многу бегалци влегоа во своите шатори, затоа моментално кампот изгледа помирен од претходните денови. Нема никакво намалување на бројот на бегалците. Напротив, сеуште има бегалци кои со надеж дека Македонија ќе ја отвори границата доаѓаат во овој камп во Идомени", рече координаторот на УНХЦР во Идомени, Бабар Балок.
Еден од бегалците во кампот во Идомени е Мухамед Риза од Авганистан, кој е тука веќе 26 дена.
Тој вели дека медицинските екипи поради големиот број луѓе во кампот не успеваат да им помогнат на сите како и дека недостасува храна.
"Здравствените услуги не се добри, не можат да стасаат да ни помогнат на сите нас. Исто така, има недостиг на храна" , изјави Мухамед, додавајќи во последните недела дена ги живее најлошите денови откако е во кампот во Идомени.
Бегалецот Абдула од Сирија истакнува дека условите во кампот се многу лоши, а врнежите од дожд ги влошуваат тешките услови за престојување.
"Тука сум 15 дена. Со часови чекам во ред да добијам храна, а тоа што го добивам не е доволно", вели тој објаснувајќи дека имаат и здравствени проблеми а медицинските екипи не можат да постигнат да им пружаат помош.
"Сите се разболевме. Мојата сестра е болна. Поради големата гужва во шаторите кои пружаат здраствени услуги уште не и е укажана помош", рече сирецот Абдула.
Во бегалскиот импровизиран камп во Идомени има повеќе од 15 илјади денови кои веќе со недели се заглавени поради затворање на Балканската рута. Престојуваат во тешки услови и бараат да им биде дозволено да го продолжат своето патување кон западно-европските земји.