АНКАРА (АА) - КЕМАЛ КАРАДАГ -
По тврдењата на американските медиуми дека Белата куќа бара правни начини за испорачување на лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, повторно во фокус е ставена приказната за можностите за негово испорачување на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Американскиот канал „Ен-би-си њус“ („NBC News“) неодамна објави дека Белата куќа бара правни начини за испорачување на Фетула Ѓулен, лидерот на терористичката организација ФЕТО, на Турција, за да се ублажи притисокот на Турција врз Ријад поради убиството на Џамал Кашоги.
Потоа портпаролката на Стејт департментот, Хедер Нојерт, го негираше ваквото тврдење, нагласувајќи дека испорачувањето на Фетула Ѓулен нема никаква поврзаност со случајот на убиството на Џамал Кашоги, како и дека Белата куќа на тој план не остварила какви било контакти.
„Од Турците добивме голем број барања по ова прашање (испорачувањето на Ѓулен). Сè уште вршиме проценка на доказите кои Владата на Турција ни ги проследи за испорачување на Ѓулен. Се работи за процес кој во потполност се одвива во рамките на Министерството за правда. Она што со сигурност можам да ви го кажам е дека овие две теми не се поврзани воопшто“, порача Нојерт.
Иако тврдењата се негирани, прашањето за испорачување на Ѓулен на Турција повторно стана актуелна тема.
Само четири дена по неуспешниот обид за пуч во Турција на 15 јули 2016 година, што го изврши терористичката организација ФЕТО, Турција упати барање до САД за испорачување на лидерот на оваа организација, Фетула Ѓулен, кој веќе со години престојува во сојузната земја Пенсилванија.
И покрај преговорите на највисоки нивоа кои се водени во последните две години, Турција од САД сè уште не доби конкретен одговор кога станува збор за испорачувањето. Министерството за правда на оваа земја сè уште чува седум досиеја за испорачување, кои би требало да ги проследат до правосудните институции.
Во документите кои Турција ги испрати на САД се наоѓаат докази кои укажуваат на тоа дека Фетула Ѓулен е директен нарачател на извршувањето на обидот за пуч во Турција.
- Случувања во процесот на испорачување на Ѓулен -
Според информациите до кои дојде АА, барањето до САД за испорачување на Ѓулен по обидот за пуч во Турција најпрво го упати Министерството за правда на оваа земја, а тоа е направено на 19 јули 2016 година, односно четири дена по обидот за пуч. Министерството за правда тогаш на САД му упати четири одвоени досиеја во кои се бара итно апсење и испорачување на лидерот на ФЕТО.
Барање до САД за испорачување на Ѓулен потоа испрати и Генералната канцеларија на турското Министерство за правда за меѓународно право и надворешни односи.
Министерството за правда на САД, во возвратено писмо испратено на 7 август 2016 година, предложи во врска со преговорите за испорачување на Ѓулен во САД да дојде турската делегација или делегацијата од САД да дојде во Турција, по што е усогласено американската делегација да ја посети Анкара.
- Состанокот со американската делегација траеше 17 часа -
Делегација од четири члена, тројца од американското Министерство за правда и еден од Министерството за надворешни работи на САД, пристигна во Анкара, а на 22 и 23 август учествуваше на преговори со официјалните претставници од Директоратот за меѓународно право и надворешни односи во турското Министерство за правда.
За време на дводневните преговори, официјалните претставници од турското Министерство на делегацијата на САД ѝ дадоа информации за испорачување на Ѓулен во четири одделни досиеја. Покрај тоа, тие споделија значителни докази со американските претставници дека обидот за државен удар во Турција беше спроведен по наредба на Ѓулен.
Преговорите на турските и американските официјални претставници околу испорачувањето на Ѓулен, првиот ден траеја девет, а вториот ден осум часа.
Откако се појавија и други докази за тоа дека зад обидот за пуч стои ФЕТО, Министерството за правда на Турција на 10 септември 2016 година упати официјално барање до американското Министерство за правда за привремено апсење на Ѓулен, за кој е нагласено дека е главен нарачател на обидот за пуч во оваа земја.
Тогаш е нагласено дека Ѓулен, кој престојува во Пенсилванија, стои зад неуспешниот обид за воен удар на 15 јули, како и зад формирањето паралелни структури чија цел е уништување на уставниот поредок и соборување на демократски избраната турска власт.
Тогашниот министер за правда на Република Турција, Бекир Боздаг, во два наврати престојуваше во Вашингтон и за време на состанокот со министерката за правда на САД, Лорета Линч, сподели информации за ФЕТО, која стои зад обидот за државен удар, и повторно побара апсење и екстрадиција на Ѓулен.
- Докази за патувањето на Оксуз во САД -
Турција во наредниот период продолжи да им дава на американските институции нови докази за обидот за државен удар, така се споделени и информациите за Адил Оксуз, кој е едно од клучните имиња на пучот на ФЕТО, познат како „имам на ФЕТО во воздушните сили“. Оксуз се смета за десна рака на Фетула Ѓулен и втор човек на терористичката организација.
Американските институции добија докази за патувањето на Оксуз во САД, непосредно пред обидот за државен удар на 15 јули, заедно со членот на ФЕТО, Кемал Батмаз. Меѓу доказите кои се проследени се и изјавите на сведоците со кодни имиња Кузгун и Сапка, кои потврдуваат дека Оксуз отпатувал во САД за да му го претстави планот за обидот за пуч на Ѓулен, кој подоцна е извршен по негова наредба.
Во февруари 2017 година, министерот за правда на Република Турција, Бекир Боздаг, испрати писмо до министерот за правда на САД, Џеф Сешнс, кој беше назначен за министер за правда во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кажувајќи му дека турскиот народ очекува екстрадиција на водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен. Во средината на март 2017 година, Боздаг исто така разговараше со Сешнс по телефон и во таа прилика ја истакна и важноста за екстрадиција на Ѓулен во Турција.
Боздаг тогаш повторно замина во посета на Вашингтон, во пресрет на посетата на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во САД на 16 и 17 мај. При состанокот со Џеф Сешнс беше разговарано за испорачување на Ѓулен. Боздаг и Сешнс се сложија дека ќе ја продолжат соработката во врска со ова прашање.
Испорачувањето на Ѓулен беше една од главните теми на разговорот на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и американскиот претседател, Доналд Трамп, за време на посетата на Ердоган на Вашингтон.
- Состанок Јилдирим и Пенс -
Тогашниот премиер на Турција, Бинали Јилдирим, и американскиот потпретседател, Мајк Пенс, се состанаа во февруари 2017 година во Минхен, каде што е одржана 53. Минхенска безбедносна конференција.
Јилдирим тогаш ја пренесе подготвеноста на Турција за соработка со новата американска администрација во врска со борбата против терористичката организација ФЕТО и испорачувањето на нејзиниот лидер, Фетула Ѓулен, на Турција. Јилдирим истакна дека Турција и САД треба да работат заедно во борбата против радикалните организации, како што се ДЕАШ и ФЕТО.
Пенс нагласи дека новата американска администрација придава големо значење на односите со Турција. Истакна дека САД се подготвени на додатно јакнење на дијалогот со Турција во сите области, вклучувајќи ја и борбата против тероризмот и регионалната соработка.
- Министерот за правда, Ѓул, го обнови барањето за испорачување -
Новоименуваниот министер за правда на Турција, Абдулхамит Ѓул, продолжи со упатување барања до САД за испорачување на Ѓулен, во чии рамки на американските институции им се праќани и нови докази за ФЕТО.
Последното барање за испорачување на Ѓулен е упатено на 3 ноември 2017 година, а во седмото досие кое е упатено до САД, се сместени и докази за обидот за атентат врз претседателот на Турција, Ердоган, во период кога е извршен и обидот за пуч.
Министерот за правда на Турција, Ѓул, четири дена потоа изврши и телефонски разговор со американскиот колега Сешнс и разговараше за испорачување на Ѓулен. Испорачувањето на лидерот на ФЕТО, Ѓул го побара и во писмото кое на Сешнс му е испратено на 15 декември 2017 година.
Најновите докази кои Министерството за правда на Турција ги проследи на САД се доказите за разговорот на лидерот на ФЕТО со еден од челниците на терористичката организација, Хакан Чичек.
Американската делегација на 13 јули оваа година престојуваше во Анкара поради состанок на работната група на двете земји, а во таа прилика, исто така, зборуваа за испорачувањето на Ѓулен.
Терористичката организација ФЕТО во седумдесеттите години на минатиот век почна да ги инфилтрира своите поданици во безбедносните институции на Турција, во осумдесеттите значително ги зајакна своите паралелни структури во тие институции, и на крајот, на 15 јули 2016 година, изврши неуспешен обид за воен удар, со цел рушење на уставниот поредок и соборување на демократски избраната турска власт.
За време на обидот за воен удар во Турција се убиени најмалку 251 лице, а беа повредени 2.200 лица. Турските надлежни институции водат опсежна истрага во судските постапки против оваа терористичка организација.
news_share_descriptionsubscription_contact
