Halil İbrahim Başer
17 Јануари 2017•Ажурирај: 18 Јануари 2017
ИСТАНБУЛ (АА) – Истанбул, кој бил главен град на различни цивилизации во историјата и кој се наоѓа на пресекот на два континента, во последните 15 години е посетен од 108 милиони странски туристи, што е за 30 милиони повеќе од вкупниот број на жители на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Според податоците до кои дојде АА од резултатите објавени од страна на Државниот завод за статистика на Турција, за регистарот на население за 2015 година, којшто се темели на адресата на живеење, бројот на жителите на Турција изнесува 78.741.053. Во последните 15 години, пак, Истанбул го посетиле 108.869.596 странски туристи.
Според податоците од аеродромите „Ататурк“ и „Сабиха Ѓокчен“, како и од пристаништата Хајдарпаша, Пендик, Зејтинбурну и Караќој, во последните 15 години бројот на странски посетители е четирипати зголемен.
Бројот на странци што доаѓаат во Истанбул, од 2000 година постепено се зголемува. Според ова, во 2002 година Истанбул го посетиле 2.699.131 лице. Бројот на туристи во 2013 година изнесувал 10.474.867. Во 2015 година беше постигнат рекорд во бројот на туристи. Таа година Истанбул го посетија 11.842.983. Оваа бројка минатата година изнесуваше 9.203.987 туристи.
- Туристите ја сакаат летната сезона -
Според податоците, туристите повеќе го сакаат Истанбул налето. Бројот на лица што го посетуваат градот се зголемува налето, а пак во зима тој е на најниско ниво. Минатата година, најголем број туристи пристигнале во јули, и тоа 924.686 лица, а најмалку во ноември, односно 663.524 лица.
Посетителите најчесто го користат аеродромот „Ататурк“ за своите патувања. Минатата година преку овој аеродром во Истанбул пристигнале 7.240.761 лице, а преку аеродромот „Сабиха Ѓокчен“ пристигнале 1.905.690 лица. Остатокот од посетителите во Истанбул допатувале преку пристаништата. Најголем број туристи допатувале преку пристаништето Караќој, 24.051 лице.
- Еден од 10 туристи е Германец -
Најчесто посетителите на Истанбул доаѓаат од европските држави. Минатата година најголем број од посетителите биле Германци. Еден од 10 посетители на Истанбул бил германски турист.
Според потеклото на туристите, минатата година Истанбул е најмногу посетен од Германците, 1.006.495 лица. По Германците следат Иранците со 645.176 посетители, 476.561 посетител пристигнале од Саудиска Арабија, 371.526 Британци, 362.947 Французи, 319.273 Американци и 297.723 Руси.