İlhan Toprak
17 Јануари 2017•Ажурирај: 18 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара изјави дека во Турција нема никој да остане неказнет за своите дела, и дека најдобар показател за тоа е апсењето на терористот одговорен за последниот терористички напад во Истанбул, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган говореше на церемонијата во Анкара по повод заедничко отворање на објекти при турската Управа за социјално осигурување (СГК).
„Никој веќе во оваа земја нема да остане неказнет за она што го сторил. Во рамките на правната држава ќе одговара секој. Апсењето на терористот одговорен за нападот во Ортакој е многу важен показател на таквото сфаќање на безбедноста“, порача Ердоган.
Тој порача дека сите настани со кои неговата земја е соочена од 2013 година, покажуваат дека Турција е во нова ослободувачка борба.
„Овој пат не се бориме со непријателите кои пред нас излегуваат со своите имиња и војска, туку со терористичките организации, кои се нивни марионети. Не гледајте на тоа што нивните имиња се различни, ПКК, ДЕАШ, ФЕТО, ЈПГ, ДХКП-Џ, сите тие играат според исто сценарио“, изјави Ердоган.
Тој нагласи дека сите терористички организации имаат иста мисија.
„Тие сакаат да ѝ го попречат патот на Турција и да ги саботираат нашите цели, а сето тоа заканувајќи се на нашето национално единство и на интегритетот на нашата земја. Но нема да го сторат тоа. Можеби ние тоа нема да го доживееме, но ќе го доживеат нашите внуци. Потомците на овој народ ќе ја доживеат и 2053 и 2071 година“, вели Ердоган.
Зборувајќи за реформите и за здравството во Турција, Ердоган изјави дека повеќе нема разлики меѓу државните, универзитетските или приватните болници, и дека сите тие се здравствени установи што граѓаните можат да ги користат.
„Кој и да дојде на вратите на болниците, интервенцијата ќе биде извршена. Пациентот никако не смее да биде вратен од болниците. Доколку некој го врати, ќе се соочи со нас“, изјави Ердоган.