Halil Demir
03 Март 2016•Ажурирај: 04 Март 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Напаѓачките кои го изведоа нападот на полициската станица и автобус во истанбулската населба Бајрампаша, кои подоцна во полициската акција се убиени, биле членки на терористичката организација ДХКП-Ц (DHKP-C). Тие се идентификувани како Чигдем Јакши и Берна Јилмас, јавува Anadolu Agency (AA).
Терористичката организација Фронтот на револуционерната народноослободителна партија, ДХКП-Ц (DHKP-C), која во август 2015 година изведе напад врз американскиот конзулат во Истанбул, е извршител на бројни терористички напади на територијата на Турција од шеесетите години наваму.
ДХКП-Ц е прогласена за терористичка организација и од страна на САД и ЕУ.
Гувернерот на Истанбул, Васип Шахин, во врска со нападот во Истанбул изјави дека двете напаѓачки, припаднички на една од терористичките организации, се ликвидирани во полициската акција, како и дека во текот на потерата и при нападот лесно се повредени двајца полицајци.
Имено, две жени утринава фрлија рачни бомби а потоа отворија и оган врз полициската станица. Бомбата не експлодирала, а турската полиција возврати на нападот.
Полицијата веднаш по нападот тргна во потрага по напаѓачките и ги пронајде во зграда на улицата Гази, која полицијата ја опколи, а по упадот во зградата напаѓачките се неутрализирани. Поддршка на полицајците при акцијата пружаше и хеликоптер.
Шахин рече дека двете напаѓачки, припаднички на една од терористичките организации, утринава, пред 10 часот извршиле напад на полициската станица и автобус со полицајци.
„Во акцијата на полицијата двете женски лица - терористи, се неутрализирани. Истрагата за тоа со кого соработувале, на која терористичка организација припаѓале и понатаму трае. Во нападот и при потерата ранети се двајца полицајци, двајцата се во добра состојба”, рече Шахин.