Emrah Oktay
29 Август 2018•Ажурирај: 30 Август 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот фудбалски клуб „Бешикташ“ денес во Истанбул го претстави новиот голман Лорис Кариус, кој на период од две години е позајмен од англиски „Ливерпул“, јавува Anadolu Agency (AA).
Германскиот голман на стадионот „Водафон парк“ го претстави претседателот на Бешикташ, Фикрет Орман, кој изрази задоволство поради тоа што младиот голман е член на „црно-белиот“ тим.
Кариус го започна обраќањето на новинарите со турскиот поздрав „мерхаба“, а потоа изјави дека е среќен и возбуден што дошол во големиот истанбулски клуб.
„Вчера го завршив првиот тренинг и ги запознав новите соиграчи. Тоа е вистински добра екипа и за мене ова е голем предизвик во кариерата. Ова е клуб со богата традиција и многу добри навивачи. Горд сум што сум тука“, порача 25-годишниот Кариус.
Истакнувајќи дека е уверен дека со настапите во Бешикташ додатно ќе ја унапреди својата игра, Кариус изјави дека доаѓањето во Истанбул за него е чекор напред во кариерата и дека се надева на освојување титула.

„Пред трансферот се распрашував за Турција и нејзиниот фудбал и слушнав само позитивни работи што ги потврдија моите претходни сознанија“, изјави Кариус.
Новинарите го прашаа Кариус и како се носи со честите медиумски написи за неговиот изглед и споредбата со познатите холивудски актери, а тој изјави дека ужива во сето тоа, но дека тука првенствено е добро да се одбрани мрежата на Бешикташ и да не се размислува многу за други работи.
Кариус се присети и на минатогодишното финале на Лигата на шампиони во кое направи неколку големи грешки кои Реал Мадрид ги искористи и ја совлада екипата на Ливерпул и изјави дека тоа било несреќен ден за него, но дека грешките се составен дел од фудбалската игра.
„Тоа беше лош ден во мојата кариера. Ми се собраа тој ден многу работи и сè се заврши несреќно. Тоа сега е зад мене и апсолутно сум сконцентриран на иднината“, изјави Кариус.

Истакнувајќи дека одлуката за премин во Бешикташ ја донел самостојно, германскиот голман Кариус изјави дека долго разговарал со тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, кој сакал да го задржи на „Енфилд“, но и дека на крајот се уверил оти неговата желба е правилна.
Новинарите од Кариус бараа коментар и во врска со расистичките напади поради кои Месут Озил се повлече од Германската репрезентација, но претседателот на Бешикташ, Орман, изјави дека станува збор за свечено претставување на Кариус и дека такви коментари може да се даваат во наредните разговори со новинарите.
„Новинарите понекогаш знаат да ја свртат ситуацијата во друг правец. Сакаме нашиот нов член Кариус да има одличен старт во екипата, денес да зборува за себе и Бешикташ, а не сакам утре во весниците да ги видам неговите коментари за Месут“, изјави Орман.

Бешикташ утре во Истанбул ќе го дочека белградски Партизан во возвратниот меч на плејофот за групната фаза на Лига Европа.
„Утре имаме многу важен меч. Првиот натпревар е завршен со реми 1 : 1. Сакаме да преминеме во групната фаза на натпреварите. Нема да има навивачи на Партизан, како што ни нашите не влегоа во Белград. Сите карти се продадени и утре ќе играме пред полни трибини“, изјави Орман.