Ercan Doğan
22 Март 2016•Ажурирај: 24 Март 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Новиот истанбулски стадион и домот на фудбалскиот великан „Бешикташ”, Водафон Арената, ќе биде свечено отворена на 10-ти април оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на „Бешикташ”, Фикрет Орман и челникот на извршниот одбор на Водафон за Турција, Ѓокхан Огут, утринава во Истанбул одржаа заедничка конференција за новинарите на која соопштија дека на церемонијата на отворање на новиот стадион ќе присуствуваат највисоките политички и спортски личности од Турција.
„Дојде време да се вратиме дома. Свечената церемонија на отворањето на Vodafone Арената ќе биде организирана на 10-ти април, а ден подоцна ќе го играме и првиот натпревар против ривалот Бурсаспора”, изјави челникот на „Бешикташ”, Орман.
Новиот истанбулски стадион Водафон Арена е изграден на местото на стариот стадион на „Бешикташ” Инону. Изградбата на еден од најубавите стадиони во Европа започна во јуни 2013 година, од кога „Бешикташ” своите мечеви ги играше на стадиони во Истанбул и Анкара.
Новиот стадион во Истанбул ќе има капацитет од над 43.000 гледачи а станува збор за мултифункционален спортски комплекс.