Umur Koçak Semiz
07 Октомври 2016•Ажурирај: 08 Октомври 2016
АНКАРА (АА) - Колумбискиот претседател, Хуан Мануел Сантос е овогодишен добитник на Нобеловата награда за мир за напорите за постигнување траен мир во неговата земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Илјадници Колумбијци маршираа во средата вечерта на улиците на Богота, барајќи од политичките структури на Колумбија и левичарските Револуционерни вооружени сили на Колумбија (FARC) да не се откажат од мировниот договор, кој е одбиен на референдумот одржан во неделата.
„Марш за мир“ преку социјалните мрежи организираа група студенти и општествени движења.
Повеќе стотици од нив маршираа тивко, додека некои носеа слики од своите најблиски што настрадале во 52-годишниот судир меѓу владините сили и милитантите на ФАРК.
Протестите се организирани откако колумбискиот претседател Мануел Сантос започна преговори со опозицијата во обид да го спаси договорот за примирје со ФАРК.
Сантос во вторникот изјави дека примирјето меѓу владата и Револуционерните сили на Колумбија (FARC), кое е договорено на 25 август, завршува на 31 октомври.
Иако лидерите на ФАРК истакнаа дека немаат намера да се вратат на бојното поле и ги охрабруваа Колумбијците да го дадат својот глас за поддршка на мирот, не е познато дали се подготвени повторно да ги отворат преговорите.
Командантот на силите на ФАРК, Родриго Лондоно, изјави дека резултатите од референдумот „секако немаат правно дејство“, наведувајќи го фактот дека конечниот договор е веќе постигнат и признат како посебен хуманитарен договор во склад со Женевската конвенција.
Бунтовничкото движење ФАРK се наоѓа на листата на терористички организации во САД и во ЕУ, а станува збор за милитантно движење коешто имаше повеќе од 17.000 вооружени борци, а моментално вбројува околу 7.000 милитанти.
Во изминатите 52 години на судири меѓу владините сили и милитантите на ФАРK, во Колумбија загинаа повеќе од 220.000 лица, а раселени се повеќе од шест милиони жители.