Tuğrul Çam
03 Октомври 2016•Ажурирај: 04 Октомври 2016
БОГОТА (АА) - Колумбискиот народ не го одобри мировниот договор меѓу Владата и Револуционерните сили на Колумбија (ФАРЦ), јавува Anadolu Agency (AA).
Да потсетиме, Владата и ФАРЦ минатата недела потпишаа мировен договор којшто беше даден на гласање на референдум. Народот рече „не“ со многу мала изборна разлика. Според неофицијалните резултати објавени 2 часа по затворањето на избирачките места, 50,24 отсто од Колумбијците, од 13 милиони лица кои гласаа на референдумот, рекоа „не“.
Со договорот требаше да се стави крај на судирите коишто траат речиси 52 години. Според него, ФАРЦ требаше да го остави оружјето и да постави политичка структура.
Анкетите спроведени во големите градови пред референдумот, особено во оние во кои жителите го почувствувале насилството на ФАРЦ, покажуваа дека луѓето се против овој договор.
Од друга страна, Владата и ФАРЦ се подготвени да ги продолжат преговорите со цел да се постигне мировен договор.
Претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос, за државните медиуми изјави дека и покрај тоа што народот рекол „не“, државата ќе продолжи со изнаоѓањето мировно решение. Според него, ќе биде испратена делегација којашто ќе ги обнови преговорите.
„Ова гласање нема да влијае на стабилноста на Колумбија. Не се откажуваме. До последниот момент од мојот мандат ќе продолжам во изнаоѓањето на мирот во државата“, изјави Сантос.
ФАРЦ на друштвените мрежи соопшти дека љубовта во нивните срца е голема и дека со зборови и дела можат да го постигнат мирот.
Лидерот на ФАРЦ, Родриго Лондоно изјави дека и покрај негативниот исход од референдумот, организацијата има волја за мир.
Во внатрешните судири во Колумбија, од 1964 година досега загинаа околу 250.000 лица, додека 6 милиони поради судирите се принудени да мигрираат.