Zülfiya Yakup
26 Февруари 2016•Ажурирај: 27 Февруари 2016
ПРИШТИНА (АА) - Косовската полиција соопшти дека денес поради употребата на солзавец и блокирањето на работата на Собранието, во текот на изборот на нов претседател на Косово, приведе тројца пратеници на опозицијата, и дека во текот на ескалацијата на судирот на протестот на опозицијата пред Собранието, уапсила петмина насилни демонстранти, јавува Anadolu Agency (АА).
Полицијата соопшти дека на почетокот на протестот се собрале меѓу 2.000 и 2.500 демонстранти, додека подоцна тој број се намалил на околу 400, 500 луѓе. Околу 16:55 часот, неколку насилно настроени демонстранти, камуфлирани со маски на лицата, почнале да фрлаат тврди предмети, вклучувајќи и камења, огнометни ракети и Молотови коктели во правец на полицијата и зградата на Собранието на Косово, се наведува од полицијата.
Се додава дека полицијата била принудена да реагира и притоа се уапсени петмина насилни демонстранти.
Во судирот на демонстрантите со полицијата повреден е 21 полицаец, како и еден новинар, кој сам се повредил при извршување на своите задачи. Од безбедносни причини, а поради настанатата ситуација, полицијата извршила и контрола на шаторите кои ги постави опозицијата на платото пред Собранието. На три различни локации, вклучувајќи ги и шаторите пред Собранието, полицијата пронајде и заплени 6 торби со 39 шишиња Молотови коктели и 38 шишиња со боја.
Собранието на Косово вечерва го избра Хашим Тачи, лидерот на Демократската партија на Косово, во третиот круг на тајно гласање за нов претседател на Косово. Тачи ќе го преземе петгодишниот мандат од претседателката Атифете Јахјага на 7-ми април, кога истекува нејзиниот мандат.